Итно усвојување на амандманите на Кривичниот законик со кој ќе се овозможи поголема заштита на новинарите и медиумските работници, со тоа што нападите врз нив би се третирале по службена должност од обвинителството и институциите. Ова денеска на Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите од пред Собранието го побараа Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Младен Чадиковски потенцираше дека речиси година и половина чекаат пратениците да се одважат и да се соберат за да ги изгласаат измените во Кривичниот законик, наместо, како што рече, да се занимаваат со нивните бескрајни политички игри.
„Ако сме сигурни дека за ова постои општествен консензус во јавноста, несфатливо е пратениците и понатаму да го одложуваат донесувањето на овие измени. Бараме тие веднаш да бидат ставени на дневен ред и изгласани, во спротивно ќе сфатиме дека слободата на новинарите, снимателите и медиумските работници не е приоритет на ова Собрание. Не смееме да заборавиме или мислиме дека неказнивоста е заеднички проблем. На нас новинарите и на јавноста на која треба да и служиме, наша должност е да инсистираме на правда, токму затоа бараме системски промени, реформи кои што ќе ја подобрат безбедноста“, истакна Чадиковски.
Според него, повеќе од било кога е потребно нападот врз новинарите да се третира како напад врз службено лице, во услови кога новинарите, снимателите и фоторепортерите, како што рече, се изложени на напади и закани по нивниот живот.
„Потребно е Собранието да демонстрира разбирање дека безбедноста на новинарите е предуслов за нивната работа да се врши на најпрофесионален можен начин, што не само ќе обезбеди нивна безбедност при работата, туку ќе ја постигне и целта на постоењето на оваа важна професија, а тоа е непречено и навремено информирање на граѓаните“, додаде тој.
Усвојувањето на измените е во јавен интерес бидејќи безбедноста на новинарите во земјава е сè уште кршлива, вели Чадиковски. Истовремено, тој додаде и дека е важно да нема застој во случаите кај Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и судовите.
„Во 2020 година имаше 14 напади врз новинари, од кој 8 беа врз новинарки, а само 2 се решени со судска пресуда. Во 2021 година од 5 напади, 3 беа врз новинарки. Во 2022 година, односно досега имаме 6 напади врз новинари и медиумски работници. Ова е само бројката што е пријавена. Дел од колегите не ги пријавуваат нападите, што носи ризик од цензура и автоцензура. Сето тоа е проблем на ова Собрание. Стоиме пред сите вас, исправени тука пред неправдата што ни беше нанесена на 27 април, токму во ова Собрание. Стоиме пред вратите на законодавниот дом, а за 27 април се уште немаме пресуди, односно новинарите се обесправени и во оваа постапка, за разлика од политичарите кои брзо ја добија својата правда“, рече Чадиковски.
„Затоа ќе продолжиме да стоиме и гласно да ја повикуваме правдата, затоа што секој новинар и медиумски работник е мост помеѓу општествените, политичките и другите случувања и јавноста која има право да биде информирана. Мораме заеднички да ја браниме слободата на медиумите и слободата на изразување“, потенцираше тоj.
Претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Павле Беловски од пред Собранието истакна дека денеска се навршуваат пет години од почетокот на иницијативата за измени на Кривичниот законик, период во кој, како што вели, се изнаслушале декларативни заложби за слободата на медиумите.
„Се обидовме преку сите формати, од лобирање до средби на Владата до предавање конкретни предлози како да се надмине оваа ситуација. Денес навршуваат 17 месеци откако Владата, односно Министерството за правда ги испрати овие измени во Собранието за нивно усвојување. Резултат нема, нападите без разлика во каква и да се форма, се уште ги броиме, пријавуваме и се без резултат, на крајот што најмногу не загрижува. Неказнивоста продолжува, затоа уште еднаш по којзнае кој пат потсетуваме на изборните ветувања дека законските измени кои се однесуваат на нападите врз новинарите треба итно да бидат спроведени“, рече тој.
Беловски се надева ќе се излезе во пресрет на нивните барања, во спротивно рече дека здруженијата и медиумските работници ќе мора да го променат форматот на дејствување, па по новата година и да останат пред собраниската зграда се додека не се изгласаат законските измени.
„Веќе е дегутантно ова што се случува, за предлог од пред 5 години ние да зборуваме денеска одново дека ни е потребна таква заштита. Затоа што, да биде малку појасно и на пратениците, секој што влезе во оваа зграда зад мене, делумно или целосно ги оствари своите права, постојано се менуваат законите, постојано има расправа за одредени теми, не навлегуваме дали тука има дневна политика или не, но факт е дека ние останавме со куси раце. Зборуваме првично за три клучни, кардинални измени во Кривичниот законик, со што еднаш засекогаш ќе можеме да престанеме, кога ќе биде нападнат новинар, тоа не е персонален напад, односно на лицето тоа и тоа, туку е напад врз нашата професија, нешто што повеќепати го имаме акцентирано“, рече Беловски.
Покрај измените на Кривичниот законик, претседателот на ЗНМ Чадиковски истакна дека се чека на усвојување и на измените на Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда, каде според измените, казните за новинарите се намалуваат за клевета и навреда петкратно од сумите кои што беа претходно.
„Ова е уште еден закон кој што е заглавен во Собранието и затоа апелираме двата овие закони еднаш да се стават на усвојување и да се донесат без понатамошно одложување“, дециден е Чадиковски.
Мартин Колоски