Новинарите се професија која е под ризик да биде заменета од системи на вештачка интелигенција (ВИ), смета директорот на германската медиумска групација „Аксел Спрингер“, Матиас Допфнер.
Ваквата изјава на Допфнер следи откако издавачот се труди да најде начин да ги подигне приходите на германските весници Билд и Дие Велт и да се префрлат целосно кон дигитална медиумска компанија. Тој вели дека во иднина ќе има откази бидејќи автоматизацијата и ВИ предизвикуваат се` повеќе работни места кои служат за продукција на новинарството да бидат непотребни.
„Вештачката интелигенција има потенцијал да создава независно новинарство подобро од кога било претходно, или едноставно да го замени“, вели Допфнер во писмо испратено до вработените, пренесува Гардијан.
ВИ алатките, како популарната „ChatGPT“ ветуваат „револуција“ во информациите, додава тој, и во наскоро можат да бидат подобри во прибирањето информации отколку луѓето новинари.
„Сфаќањето на оваа промена е суштинска за идната одржливост на една медиумска куќа. Само оние кои ќе креираат најдобра оригинална содржина ќе преживеат“, додава Допфнер.
„Аксел Спрингер“ немаат прецизирано колку вработени ќе добијат отказ, но ветуваат дека нема да има отпуштања на репортери, автори или специјализирани уредници.
Во писмото до вработените Допфнер вели дека медиумите мораат да се фокусираат на истражувачко новинарство и оригинално коментирање.
„Аскел Спрингер“ не е првата медиумска групација која ја разгледува идејата за користење ВИ за правење содржини. Во јануари БазФид соопшти дека планира да користи ВИ за да ги „подобри“ своите содржини и онлајн квизови. Британските весници Мирор и Дејли Експрес исто така најавија дека разгледуваат како можат да ја искористат ВИ во својата работа.