За прв пат во 40 години, над илјада вработени во американскиот дневен весник „Њујорк Тајмс“ излегоа на 24 часовен штрајк, јавува „Euronews“. Протестот се случи откако новинарите и останатите вработени во медиумот не ги постигнаа барањата кон компанијата за своите работни договори.
Од Синдикатот на медиумски професионалци во Њујорк велат дека клучната проблематика зад протестот е одбивањето на менаџментот да ги покачи платите имајќи ја предвид растечката инфлација.
„Други проблеми и се одбиените барања за здравствено и пензиско осигурување, како и одлуките за враќање во канцелариите по пандемијата од Ковид-19“, додаваат од таму.
Од март 2021 година, новинарите на познатиот весник немаат потпишано работни договори, а членовите на синдикатот сметаат дека надредените волно и непотребно го одложуваат потпишувањето.