Повеќе граѓани, новинари и активисти денеска се собраа пред Владата за да го искажат својот револт од вчерашниот морбиден инцидент откако непознато лице доставило погребен венец во домот на новинарот и уредник на НОВА ТВ, Борјан Јовановски.
Вознемирени од грозоморниот чин, новинарите побараа полициска заштита за нивниот колега и го оставија венецот пред Владата, бидејќи според нив, таа е најодговорна за заканите кои подолг период се прават врз критичките и професионални новинари.
Новинарката Сашка Цветковска истакна дека фрлањето на венецот пред Владата не значи дека новинарите мислат дека Владата го нарачала венецот, туку дека Владата и институциите овозможиле амбиент, во кој што одредени луѓе се дрзнуваат да се закануваат по живот на новинари и луѓе кои размислуваат различно и пишуваат критично.
„Многу пати сме имале случаи на национални телевизии каде на поголема група на новинари се повикувало на линч но ниту институциите ниту јавниот обвинител не реагирал. Јавниот обвинител сепак го предлага и бира оваа Влада и затоа овој венец со „Последен поздрав“, ќе заврши тука во Владата како опомена дека можеби некој утре навистина ќе биде ликвидиран и тој товар ќе го носат овие луѓе тука“, рече Цветковска.
Според новинарката Билјана Секуловска после смртта на великанот на македонското новинарство, Никола Младенов, новинарите ништо не може да ги изненади, со оглед на фактот што тој загина под сомнителни околности.
„Она што ние го бараме, не само како редакција на НОВА, туку и Новинарскиот пленум и се разбира сите загрижени новинари и слободумни граѓани во оваа земја, бараме полициска заштита за нашиот колега Борјан Јовановски. Доколку тоа не биде сторено, ќе сметаме дека постои директно соучесништво на луѓето кои го направија овој злостор со властите односно МВР. Низ текот на годините ние имавме големи закани но оваа закана велам, веднаш после смртта на Никола Младенов, ја сметаме како најстрашната закана. Ова не смее да се премолчи ваквата закана и ваквиот инцидент“, додаде Секуловска.
Меѓународната федерација на новинари (IFJ) и Европската федерација на новинари (EFJ) остро ја осудија смртната закана против новинарот Јовановски и ги повикаа македонските власти да ги гонат сторителите.
„Ова не е прв пат новинари да добиваат смртни закани во земјата. Владејачката партија со години, создаваше атмосфера на омраза кон независните новинари. Новинарите кои ја критикуваат владејачката партија често се етикетирани како „предавници” или „странски шпиони”. Говорот на омраза кон новинарите никогаш не е осуден политички од страна на владејачката партија, ниту пак се преземени било какви правни постапки. Но, тоа мора да запре сега”, се вели во реакцијата на Европската федерација на новинари.
Денеска и новинарот Зоран Бојаровски објави дека непознато лице му испратило закани дека ќе биде ликвидиран и веќе има подготвен гроб за него. Претставничката за слобода на медиуми на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ ги осуди заканите кон двајцата новинари и ги повика властите итно да ги истражат.
„Ги повикувам властите да започнат итна и темелна истрага. Повеќе години Јовановски е изложен на закани и широки критики поради неговото критичко известување”, рече Мијатовиќ.
Комесарот на Советот за Европа за човекови права, Нилс Муизниекс исто така ја осуди смртната закана за Борјан Јовановски и ги повика политичките лидери да ја променат негативната медиумска клима во земјата.
„Ова е многу сериозен инцидент кој заслужува големо внимание од страна на македонските власти. Ситуацијата со медиумите во земјата е влошена во последните неколку месеци, а овој случај, придонесува за сериозната загриженост. Треба да се случи ефикасна и независна истрага и да се донесат пред лицето на правдата одговорните за нападот. Крајно време е македонските власти ја вратат безбедната и спокојна клима за медиумите да работат слободно. Клучно е политичките лидери да испратат недвосмислена порака дека закани, заплашување и насилство врз новинарите се неприфатливи и ќе бидат казнети“, порача Муизниекс.
Осуда за смртните закани врз новинарот Јовановски стигна и од Македонскиот институт за медиуми, Здружението на новинарите на Македонија, како и бројни други организации и активисти.
Иако првично случајот беше осуден и од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, со соопштение во кое тие нагласуваат дека вакви настани се целосно неприфатливи и штетни, по денешната „бомба“ на СДСМ тие испратија втора реакција во која се вели дека приказната со венецот на Бојран е измислена и е во функција на сценариото за денешниот прес „што само ја покажува монстроузноста и моралниот дефект на раководството на СДСМ и на новинарите кои што работат во соросовите медиуми во Македонија кои што се директни учесници во мрачните игри на раководстсвото на СДСМ“.
Новинарскиот пленум побара од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во рок од 24 часа да ги пронајде испраќачите на погребниот венец, а од лидерот на ДПМНЕ и премиер да го осуди јавно овој морбиден чин и „да ги повика своите медиумски и партиски џелати да ги запрат хајките против новинарите и да стават крај на оваа невидена политичка некрофилија“.
„Медиумите под контрола на режимот на Груевски со денови објавуваат пропагандни памфлети полни со омраза и повик за линч против нашите колеги, новинари – членови на Новинарскиот пленум и авторите на критички текстови, поради што сметаме дека сносат директна одговорност за ваквите грозоморни закани“, се вели во реакцијата на Новинарскиот пленум.
Во меѓувреме, јавните личности и ТВ водители блиски до власта продолжуваат со говорот на омраза. Во својот напис насловен „Одбрана на Македонија“, водителот Миленко Неделковски се заканува со финална пресметка со критичките медиуми нарекувајќи ги „соросписки“.
„За оние што ја напаѓаат државата од внатре, за сороспиите од соросписките медиуми, НГО-а и партии да испратам порака дека и за нив има лек и одбрана. За нив лек е народот, ние сите заедно. Ако треба да се мобилизира народот, да се фати за оружје, ќе се фати“, се вели во написот кој провладините медиуми го нарекуваат колумна на Неделковски.
К.О.