Новинарите денеска во 12 часот најавија собир пред Владата на кој, како што велат, ќе го достават венецот кој вчера беше испратен во куќата на новинарот Борјан Јовановски, на испраќачот.
Според новинарите, Владата е вистинското место за изразување револт од овој грозоморен чин, особено ако се знае дека Борјан Јовановски е еден од најгласните критичари на власта и е мета на долгогодишно вербално насилство од страна на медиуми и новинари кои важат за блиски до владејачката партија. Вербални напади на адреса на Јовановски пристигале дури и од високи државни функционери.
Вчера вечер непознато лице дошло во семејната куќа на уредникот на „Нова“ Борјан Јовановски и на неговата сопруга и оставило венец со натпис „последен поздрав“ велејќи дека „поздравот“ е од Тодор Александров. Дома биле и малолетните деца на Јовановски.
Сопругата на Јовановски настанот го пријавила во полиција.
За случајот експресно реагираше Новинарскиот пленум:
„Новинарскиот пленум со гнасење ја прими веста дека на нашиот колега Борјан Јовановски, уредник на ТВ Нова, денес на домашна адреса му пристигнал погребен венец со натпис „Последен поздрав“ од извесен испраќач со кодно име Тодор Александров.
Овој умоболен чин кој длабоко го потресе семејството на нашиот колега и сите членови на Новинарскиот пленум, го сфаќаме како мафијашка порака од Фамилијата што ја владее Македонија до критичките медиуми и новинари – што не очекува сите од ред ако и се спротивставуваме на власта!
Медиумите под контрола на режимот на Груевски со денови објавуваат пропагандни памфлети полни со омраза и повик за линч против нашите колеги, новинари – членови на Новинарскиот пленум и авторите на критички текстови, поради што сметаме дека сносат директна одговорност за ваквите грозоморни закани.
Бараме од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во рок од 24 часа да ги пронајде испраќачите на погребниот венец, а од лидерот на ДПМНЕ и премиер да го осуди јавно овој морбиден чин и да ги повика своите медиумски и партиски џелати да ги запрат хајките против новинарите и да стават крај на оваа невидена политичка некрофилија!“, се вели во соопштението од Новинарскиот пленум.