Солзи, неверување и грч меѓу новинарите. На комеморацијата во Младинскиот културен центар дојдоа да оддадат почит на својот долгогодишен колега, пријател и соработник – Никола Младенов, новинар и основач на дневниот весник и магазинот Фокус, кој вчера трагично го загуби својот живот. Во преполната сала на киното Фросина, виолините на сцената не беа доволно гласни за да го скријат плачот на семејството, колегите и почитувачите на делото на Младенов, но и да го замолчат најчестото прашање меѓу новинарите – „Што сега?“.
На комеморацијата која заврши со громогласен аплауз, говореше неговата сопруга Билјана Младенова, претседателот на Здружението на новинарите Насер Селмани, претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис, професорката Мимоза Ристова и новинарите Бранко Героски, Саше Димески и Синиша Станковиќ.
За поголемиот дел од новинарската заедница а и јавноста, Никола Младенов важеше за еден од ретките независни новинари, борец за правдата, слободата и вистинската демократизација на Македонија. Новинарите од Фокус го опишуваат како еден вистински рицар на слободоумното новинарство.
„Она што ние не успеавме да го забележиме кај него, а веројатно и тој кај себе, е дека нашите нејаки тела, независно од нашата волја – а Никола беше човек со челична волја – веќе плаќаат превисока цена во оваа нерамна, се чини дури и неразумна битка. Цената за тој натчовечки напор, што Никола ја плати, е неприфатлива. Таа не е фер. И да кажеме отворено, не заради него самиот, туку заради она што тој го остава зад себе како наследство – односот на општеството кон тој негов грандиозен потфат не беше ниту фер, ниту одговорен. Затоа, ние, неговите колеги и пријатели, напросто, не можеме да се помириме со оваа страшна загуба. Тажни сме, ама и гневни. Долго ќе нѐ прогонува чувството дека сѐ, ама баш сѐ, можеше и мораше да биде поинаку. Да имавме време, доволно време, можеби на крајот сите ќе се раздолжевме и можеби Никола не ќе мораше постојано да нѐ храбри нас, да ги храбри и своите читатели, туку сите ние ќе се сетевме него да го охрабриме и да му помогнеме. Тогаш кога му беше најтешко“, велат колегите од Фокус за својот уредник.
Драган Антоновски, новинар и потпретседател на новинарскиот синдикат за Радио МОФ, вели дека Никола Младенов отсекогаш бил на вистинската страна во новинарството.
Izjava na Dragan Antonovski by Radio Mof on Mixcloud
„Никола пред се беше голем другар. Ми беше пријател, беше голем новинар кој се сеќавам на времето кога пишувавме во Фокус, кога имав дилеми како треба да напишам, секогаш едноставно ми викаше „ако е вистина, немај гајле, пишувај слободно“. Отсекогаш беше на вистинската страна во новинарството, се бореше за тоа, иако денеска новинарството дефинитивно е убиено. Го гледаше и тоа, кога се гледавме го знаеше и тоа, но не се откажуваше. На крај не остави точно онака како што почна, не остави во дилема. Што се случи? Веројатно тоа е судбина, како аманет за нас, да истражуваме што всушност се случи вчера, како замина, зошто замина…Ни го тупна новинарството, кое за жал веќе не е новинарство“, вели Антоновски.
Сеад Ризвановиќ, новинар во телевизијата 24 вести, за Радио МОФ вели дека Фокус во изминатите години беше авангарда, медиум кој носеше слобода во тешки времиња.
„Без разлика која гарнитура е на власт, единствено во Фокус можеше да се дознае нешто што нема да се прочита во ниту еден друг медиум. Никола Младенов како човек кој го започна тој процес беше веќе една мистифицирана фигура, ние мислевме дека тој знае се. Ова што му се случи на Младенов, оваа трагична смрт на човекот кој беше најекспониран носител на слободната мисла, мислам дека ќе биде силна порака до сите. За некои верувам дека ќе биде поттик за да продолжат да работат како што работат и да бидат уште похрабри а за некои верувам дека ќе биде силен мотив за автоцензура. Се надевам дека овие првите ќе бидат повеќе, дека тие ќе надвладеат и барем дека она на што Никола му го посвети целиот живот нема да биде залудно“, вели Ризвановиќ.
Izjava na Sead Rizvanovik by Radio Mof on Mixcloud
Свое збогум до основачот на Фокус напишаа и многу други уредници и новинари, меѓу кои и Ерол Ризаов од Утрински Весник и Горан Михајловски, уредникот на Вест. Меѓународната федерација на новинари, Здружението на новинари на Македонија и новинарскиот синдикат исто така упатија жалење за смртта на Младенов.
„Никола Младенов не можеше да се скрши. Ни физичките напади, ни вербалните притисоци, ни судските закани. Ништо не можеше да ја урне неговата мисија за една подобра Македонија, онаква каква што ја заслужуваме. Лесно е Никола да ти порачаме да почиваш во мир, лесно е да ти ветиме дека твоето дело ќе биде продолжено. Но, не знаеме Никола дали сме кадарни да го направиме тоа. Затоа што без тебе, колега, повеќе никогаш ништо нема да биде исто. Како што, конечно, за наша голема среќа, со твојата појава ништо во Македонија не остана исто“, велат од ССНМ.
Погребот на Никола Младенов се одржува денес на градските гробишта Бутел во 14.00 часот.
Никола Младенов е роден на 10 март 1964 година во Скопје. Тој како новинар се афирмира во периодот на распаѓање на СФРЈ, како главен и одговорен уредник на „Млад борец“ кој ги отвора своите страници за теми и личности што биле во неформалната „црна листа“ во македонското новинарство. Во 1995 година Младенов го основа магазинот „Фокус“, критички настроен кон секоја власт, во кој под негово водство минаа речиси сите главни пера на македонското новинарство.
К.О.