Новинарката и продуцентка на Радио Слободна Европа, Вера Гирич, загина во Киев откако руска ракета вчера ја погодила нејзината куќа, соопштија од медиумската куќа.
Нејзиното тело утрината беше пронајдено под урнатините на куќата.
Вира Гирич започнала со работа во киевското биро на Радио Слободна Европа на 1 февруари 2018 година. Пред тоа, таа работела во водечките украински ТВ канали.
„Во длабока тага сме поради смртта на нашата вработена новинарка во украинското биро, Вера Гирич, оваа ноќ. Изгубивме драга колешка која ќе ја паметиме по професионализмот и посветеноста на нашата мисија. Шокирани сме и бесни поради бесчувствителната природа на нејзината смрт во својот дом во земјата и градот кој го сакаше. Нејзиниот спомен ќе ја инспирира нашата работа во Украина и пошироко во иднина“, стои во соопштението на претседателот на Радио Слободна Европа, Џејми Флај.
Како резултат на вчерашното ракетирање на Киев од руската војска делумно се уништени првите два ката од 25-катна станбена зграда, каде избувнал и пожар. Според градските власти, четири лица се хоспитализирани.
Гранатирањето во Киев се случи за време на посетата на генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш. Претседателот Володимир Зеленски го осуди нападот и најави „соодветна силна реакција“.