Руско-американската новинарка на Радио Слободна Европа (РСЕ) Алса Курмашева е осудена на шест и пол години затвор за ширење дезинформации за руската војска, соопшти канцеларијата за односи со јавноста на судот каде се одржа рочиштето, пренесува Ал Џазира Балканс.
Портпаролот на судот во Казан рече дека Курмашева била осудена во петокот, истиот ден кога судот во Екатеринбург го осудил новинарот на „Волстрит журнал“ Еван Гершкович на 16 години затвор за шпионажа, по судењето кое и неговиот работодавец и САД го опишаа како фарса.
[Видео] Американскиот новинар Еван Гершкович осуден на 16 години затвор во Русија
Претседателот и извршен директор на РСЕ, Стивен Капус за Асошиејтед прес изјави дека пресудата на Курмашева е „исмејување на правдата“ и додаде дека „единствениот правилен исход е руските киднапери веднаш да ја ослободат Алса од затвор“.
Курмашева е новинарка која живее во Прага, a е во притвор во родниот руски регион Татарстан од 18 октомври. Таа претходно беше уапсена во јуни лани, додека се обидувала да лета од Русија откако ја посетила нејзината мајка.
Судот првично ја прогласи за виновна затоа што не се изјаснила дека поседува американски пасош, кој е задолжителен според руските закони, и ја казни со парична казна. Тогаш беше обвинета дека не се регистрирала како „странски агент“, за што новинарката изјавила дека не се чувствува виновна.