Новинарскиот пленум денеска излезе со нова рецензија на централните вести на МРТ од серијата текстови на тема „Што требаше, а не видовте на вестите на МРТ?“ Целта на оваа активност, како што информираат членовите од Пленумот е да се покаже што е премолчено на вестите на јавниот сервис, но и во каков контекст се прикажани одредени прилози и кои се приоритетите на јавниот сервис, дали објективно информирање на граѓаните или пак известувања само во корист на владејачката структура.
Во продолжение, Радио МОФ интегрално ја пренесува втората рецензија објавена од Новинарскиот пленум:
„Три-четири јаки шамари“ за јавниот интерес
Граѓаните кои во неделата, 19 април, го проследиле само „Дневникот“ на МРТВ беа информирани дека ставовите на премиерот Никола Груевски уживаат 100 проценти поддршка од граѓани, аналитичари, синдикалци и од странски инвеститори.
Поинакви погледи на владините политики не се слушнаа.
Тоа е доволно за да се заклучи дека она што зрачеше од екранот на МРТВ е спротивно на реалноста, а со тоа веќе дека оваа ТВ куќа е далеку од својата примарна мисија за јавен сервис… во служба на граѓаните.
„У петок ќе му собереме едно 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, пошо нели имаат право граѓани да влезат, па да видиме, да размислиме дали еден да стане и едно три-четири шамари јаки да му врзе пред сите. Не може ништо да му се напраи, нема тешка телесна повреда тука за кривична, има прекршочна само“, ова беше делот од „бомбата“ што дента експлодира во Центар, а беше ударна затоа што откри кој е организаторот на насилните протести пред и во просториите на Општина Центар. Така тврдеше Саша Богдановиќ, првиот човек на скопските социјалдемократи.
Но, ниту овој, ниту другите емитувани телефонски разговори, презентирани во паркот во населбата Капиштец, не најдоа место во „Дневникот“ на МРТВ.
Второ, прилогот од настанот даде сосема поинаква слика – поентата ја стави на фразата „СДСМ обвини дека државните институции работеле незаконски за Скопје 2014“, иако во снимките се споменуваат конкретни имиња.
Трето, тонското парче од Богдановиќ беше празен од, колку да се пушти нешто.
Четврто, јавниот сервис не даде ниту една секунда од настапот на градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, кој, меѓу другото, му порача на Груевски дека ќе заврши зад решетки.
И петто, следуваше реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ за денешната бомба, при што гледачите сигурно биле збунети зашто беше емитуван делот „ниту шамар некому од опозицијата му бил удрен“, кога во извештајот немаше ништо за шамарот!
Исто така, немаше ниту обична куса вест дека независниот синдикат на професионалните војници бара од владата да добие ист третман како и полицајците, односно покачување на платите.
Што содржеа централните вести на МРТВ?
Првата или ударната вест на МТВ беше „позитивни оценки на ММФ и СБ за нашата економска состојба. Се чини дека главната преокупација на уредничката Билјана Василева-Трендафиловска било да се (ре)афирмираат ставовите и ветувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски искажани на собирот во Прилеп.
Најпрвин, во посебен прилог, воодушевување од „откуп на стажот како и продолжување на породилното отсуство“ искажа првиот човек на ССМ, Живко Митревски. Немаше друго мислење, ниту афирмативно, ниту критичко кон овие мерки. Патем, Митревски е единствениот кандидат за уште еден мандат на кормилото на ССМ.
Нови инвестиции за нови работни места, беше прилогот што ја продолжи економската идила што ја пропагираше МТВ. Четири големи светски компании, 4.000 нови работни места, над 300 милиони евра инвестиции само во Прилеп за неколку месеци. Сѐ е во идно време, а уредништвото на јавниот сервис и овојпат без задршка ги пласира како „остварени“.
Преодот меѓу политиката и економијата беше со прилог каде што анкетирани граѓани, шест до седум, сите до еден на иста линија дишеа – дека битен е стандардот, дека од прислушувањето им е преку глава, најбитно е кој нѐ води… Сето тоа поткрепено со уште еден став на експерт, ем совет на странски инвеститори. Поинакви размисли не слушнавме!
„Груевски ги зацврсти црвените линии“, беше поентата на прилогот каде што аналитичарот Александар Даштевски од ВМРО-ДПМНЕ објасни дека Груевски нема да дозволи да се наруши безбедноста. Во истиот стил, Даштевски, кој е секогаш на линија на владините политики, ги повтори сите ставови на Груевски – за „Пуч“ прво правно, па дури потоа политичко решение. Некој аналитичар што мисли различно, немаше. Но, затоа беа пуштени две тонски парчиња од настапот на Груевски во Прилеп, а помеѓу едно од Заев што требаше да алудира на крвта што ќе падне, што му ја припишуваат приврзаниците на владејачката структура!
По ваквите уредувачки политики, збунувачки изгледаше извештајот на дописничката од Брисел дека Советот за општи работи на ЕУ изразува загриженост за влошувањето на ситуацијата ПЈР Македонија и ги повикува лидерите на сите политички партии да пристапат кон решавање на истата“, дел од финалните заклучоци што ќе бидат усвоени во вторник во Луксембург.
Од сите претходни содржини на „Дневникот“ на МТВ воопшто немаше ни збор дека состојбата ни е влошена. Напротив!
Новинарски Пленум
Рецензент: Јадранка Костова