Новинарскиот пленум побара оставка од Пешевски за физичкиот напад врз Ивановски

Повеќе новинари и граѓани денеска пред Владата се собраа на протест за да го изразат својот револт од вчерашниот напад на вицепремиерот Владимир Пешевски врз сопственикот на порталот Мактел, Саше Ивановски, кој беше фатен на камера и објавен од новинарка на Нова ТВ, а подоцна и од самиот Ивановски.

Новинарскиот пленум побара оставка од Пешевски за физичкиот напад врз Ивановски

Според Новинарскиот пленум, Ивановски има право на активизам и на свој израз на дејствување во јавноста и ниту тој, ниту било кој заслужува физички напад.

„Поскандалозно од нападот е соопштението на ВМРО-ДПМНЕ со кое се охрабруваат насилниците бидејќи во него се укажува дека „Саше го заслужил нападот“. Соопштението ги охрабрува другите физички да го нападнат тој што не е нивни истомисленик или поставува незгодно прашање“, изјави новинарката Ида Протугер од „Новинарски пленум“.

Од пленумот упатија порака дека најмалку што Пешевски може да направи е да си поднесе оставка, бидејќи доколку не го направи тоа, ќе биде испратена порака дека насилството и пресметката со неистомислениците се охрабрува од врвот на владејачката партија.

Ивановски соопшти дека ќе бара прием од амбасадорот на САД, Џес Бејли и евроамбасадорот Аиво Орав, бидејќи се чувствува загрозен и небезбеден.

Новинарскиот пленум побара оставка од Пешевски за физичкиот напад врз Ивановски

„Особено по соопштението испратено од ВМРО ДПМНЕ во кое се вели дека си ја барам бељата и ќе си ја добијам. Се чувствувам небезбеден, бидејќи власта користи подземни методи на дејствување, па може да се случи некој нивен активист да ме убие. Сакам да го демантирам Пешевски, бидејќи измисли за настанот во Битола каде што случајно се сретнавме, но не го провоцирав . Тогаш имав почит спрема него.
Јас и пред Пастел не го испровоцирав, туку бев културен. Но, тој ме нападна и ако не го смиреше поранешниот министер за образование Панче Кралев, којзнае што ќе ми се случеше. Можеше да не ми одговори и да си влезе во автомобил. Но, тоа беше јавна манифестација на моќ и сила. Тој е јавна личност и испраќа порака до сограѓаните дека треба насилно да се одговара на неистомисленик“, рече Ивановски.

Нападот го осуди ЗНМ кои побараа Пешевски веднаш да поднесе неотповиклива оставка, затоа што веќе е недостоен да извршува таква висока функција во Владата и државниот јавен обвинител Марко Зврлевски да покрене постапка против вицепремиерот заради физичкиот напад врз Ивановски. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници исто така го осуди обидот за физичка пресметка на вицепремиерот Пешевски со Ивановски.

Од ССНМ нагласија дека без оглед на провокацијата, носител на висока државна функција, не смее да си дозволи напад врз некој што прашува, независно дали тоа е обичен граѓанин или некој што се претставува како новинар.

Вчера и Пешевски излезе со реакција на својот Фејсбук профил за инцидентот, во која се вели дека изразување жалење за вчерашниот тек на настаните.

„Агресивноста никогаш не била својствена за мојот карактер, ниту пак сметам дека таа може да биде решение за проблемите. Мојата денешна постапка беше водена од одбранбениот инстинкт, емоциите и крајно негативното претходно искуство со лицето Саше Ивановски. И покрај тоа што целата ситуација беше испровоцирана, сепак мојата реакција беше пресилна“, се вели во неговата реакција.

Во врска со денешниот настан би сакал да дадам свое гледање на нештата. Најпрвин би сакал да искажам жалење за денешниот…

Posted by Владимир Пешевски on среда, 15 јули 2015

Пешевски и пред неколку месеци предизвика бура од реакции од јавноста, откако ученик од Средношколскиот пленум јавно обвини дека за време на преговорите помеѓу средношколците и Владата, Пешевски му се заканил и обратил со зборовите „Знам кој те прати“.

К.О.