Повеќе новинари кои се дел од неформалната новинарска иницијатива Новинарски пленум, денеска пред зградата на МРТ, каде се наоѓа Комисијата за верификација на фактите, протестираа против одлуката за лустрација на уредничката на Фокус, Јадранка Костова.
„Комисија за верификација на нарачките“, „Томе ме зезаш“, „Фридом хаос“, Фрустрациска Комисија“, се само дел од транспарентите со кои новинарите порачаа дека одлуките за лустрација на нивните колеги, се само уште еден обид на власта да се замолчат и дискредитираат критичките медиуми.
Претставници на пленумот беа примени на разговор кај претседателот на комисијата, Томе Аџиев, според кого сите одлуки се донесени во согласност со законот.
„Во оваа зграда изгледа се е според законот од кој кат да тргнете, од приземјето може да ве сликаат за лични карти во ноќниот период, на десната страна можат да ви ја соопштуваат вистината во дневната редакција на телевизијата, а горе на 17 кат да ви ја потврдат историски вистината“, изјави новинарката Оливера Трајковска од Новинарскиот пленум.
Според неа, одлуката за лустрација на Јадранка Костова е нов удар кон магазинот Фокус, но таа е и обид да се преправи историјата на нешто прилично значајно произведено во јавниот сервис и на емисијата „Без наслов, но со повод, која ги празнеше улиците во деведесетите да и се стави печатот на кодошко дувло“.
„Потврдата дека никогаш не постоел никаков телефонски повик или пак некакви списоци, дека ние не сме никаков исклучок од професионалното работење на Комисијата за лустрација, не знам дали предизвикува наше смеење или пак нова загриженост дека списокот е некаде пред вратата, но полека ќе се одвиваат еден по еден досиејата така како што некој предвидел во тефтерче како ќе бидат лустрирани новинарите“, додаде Трајковска.
Според Аџиев, одлуката е донесена со законско предвиденото мнозинство и не е едногласна.
„Јас ја знам тежината на одлуките кои ги носиме уште додека конкурирав за оваа работа. Ние знаевме дека нема да делиме бомбони овде. Сите одлуки се тешки не амо за новинари , туку и за диретори за пратеници, Секоја одлука е тешка и неколкупати се мери пред да се донесе. Ние знаеме каква тежина имаат тие и не ги носиме лесно. Додека не најдеме документи не ставаме на дневен ред никого. Одговорно ви тврдам дека од денес натака нема други новинари на дневен ред се додека не се најде документ за некој. Ние имаме лустрирано неколку новинари но не знаевме каков е нивниот став. Единствено од што се водевме беа документите а не начинот на кој работел дали бил критички опсервиран“, изјави Аџиев.
Новинарката Јадранка Костова во колумна за Фокус ја коментира одлуката како „лустрациска комедија“.
„Она што го сметав тогаш за неуспешен обид за полициска местенка, еве, денес, успешно го користат за мое оцрнување. Настанот за којшто знаеше цела информативна програма, нашата транспарентна битка да не ни се подметнуваат етикети, сега добила демек конспиративност, како некакво мое кодошење! Патем, дотичниот организатор немал никакви последици од сето тоа, не бил жртва на целава драмолетка. Напротив, сега јас треба да станам жртва по вкусот на џелатите на преродбата. Зарем не е веќе кристално јасно колку Фокус е систематски третиран од фамилијата на власт! Не ги задоволи смртта на Никола Младенов и згаснувањето на дневен Фокус. Продолжија да нѐ гонат пред нивните судови и судии. И тоа не им ги насити ниските страсти, веројатно затоа што ја преживеавме казната … и еве ја смислија лустрацискава комедија“, пишува Костова.