Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) го осуди вчерашниот напад врз снимателот Љубиша Игнатов од ТВ 24 и дава целосна поддршка на снимателите, кои денеска уште еднаш потенцираа дека неказнивоста на нападите врз новинарите и медиумските работници мора да престане за да се создадат услови за намалување на нападите врз медиумските професионалци што претставува и напад врз јавноста.
„ССНМ уште еднаш ги повикува пратениците конечно да ги усвојат измените на Кривичниот закон со кои е предвидено напад врз новинар да се третира како напад врз службено лице“, велат од ССНМ.
И Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) вчера побара од Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и ефикасна истрага за нападот кон колегите од ТВ24.
Од таму потенцираа дека за време на снимање на инсерти за видеоприлог за потребите на телевизијата, вербално, а потоа и физички биле нападнати од страна на едно лице.
ЗНМ веднаш контактираше со снимателот на ТВ24 Љубиша Игнатов, и тој потврди за овој инцидент и даде конкретни информации дека: „Додека снимавме инсерти на ул. Пржино, куќа 28/б, во која според избирачки список живее Олександр Онишченко, сопственикот на куќата, извесен Миле, физички ме нападна откако упати пцости и погрдни зборови кон мене. Лицето замавнувајќи со лактот ме удри во пределот на главата и вратот ”, изјави Игнатов.
Освен што слујачот е пријавен во МВР, ЗНМ потенцира дека веднаш контактирало и со Скопското јавно обвинителство со обвинителката Искра Хаџи Василева, која е назначена за предмети поврзани со напади врз медиумски работници за понатамошно процесирање на случајот.
„ЗНМ ќе ја следи истрагата и ќе инсистира на одговорност од страна на лицето кое физички го нападнал колегата снимател Игнатов и го спречил физички да ја изврши својата работа. Потенцираме дека заканите по живот се кривични дела предвидени во Кривичниот законик а МВР и ОЈО треба итно да ги истражат и процесираат, со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина“, соопштија од ЗНМ.