Новинарските здруженија ги осудија нападите врз новинари и фоторепортери од обезбедувањето на МПЦ на Водици

Самостојниот синдикат на новинари и на медиумски работници (ССНМ) најостро ги осуди физички напади врз новинари и фоторепортери од страна на обезбедувањето на Македонската православна црква (МПЦ), за време на фрлањето на крстот во Скопје за верскиот празник Водици. Осуди стигнаа и од Советот за етика во медиумите на Македонија и партиите на власта и опозицијата.

„Според изјавите од напднатите колеги, како и од наши членови очевидци на инцидентот, обезбедувачите од агенцијата „НИКОБ“, грубо физички се однесувале кон новинарката на Канал 5, Мирјана Мирчевска-Јовановиќ, кон фоторепортерката од МИА, Ивана Батев и кон фоторепортерот од Република, Александар Ивановски. Новинарката на Канал 5 притоа има здобиено повреди на раката и вратот, поради што ѝ била укажана лекарска помош во Универзитетската хируршка болница „Св. Наум Охридски“, посочуваат од Синдикатот.

Бараат од полицијата и Основното јавно обвинителство темелно да го истражат инцидентот и соодветно да ги казнат напаѓачите, за да пратат порака дека нема толеранција за каков било напад врз новинари или врз медиумски работници.

„Ова дотолку повеќе го бараме затоа што ова не е прв инцидент со обезбедувачи на МПЦ за време на Водици, поради што за одговорна ја сметаме и МПЦ и второ, затоа што со практика на неажурност на надлежните дополнително се придонесува кон охрабрување на напади врз новинари и медиумски работници“, велат од Синдикатот.

И за Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) е целосно неприфатливо на каков и да е начин да се спречува професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од закани и притисоци.

„Државата, во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување“, посочуваат од Советот.

Осуда стигна и од Здружението на новинарите на Македонија.

„Бараме од Министерството за внатрешни работи веднаш да реагира и да спроведе итна истрага за инцидентот со идентификување на напаѓачот на новинарката, а потоа и да поднесе кривична пријава за насилство до Јавното обвинителство во Скопје за што ќе биде поведена соодветна постапка.  Освен ова, бараме од МВР да истражи дали и на други новинари и медиумски работници, присутни на настанот, им била повредена физичката безбедност како и правото слободно да известуваат пред јавноста“, стои во нивното соопштение.

Вчера за време на фрлањето на крстот во Скопје, новинарката од Канал 5 Мирјана Мирчевска-Јовановиќ, како што објави Канал 5, од страна на вработените во агенцијата за обезбедување „Никоб“ била истуркана, навредувана и влечена, поради што завршила во градската болница со повреди на раката и вратот.

Канал 5 најави дека ќе поднесе пријава до јавното обвинителство и полицијата.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.