По вчерашниот инцидент, кога за време на пресконференцијата во Министерството за надворешни работи (МНР) вработен од Министерството се обидел да го спречи новинарот на ТВ 21, Фуркан Салиу, да постави прашање со зборовите: „Ако поставиш прашање никогаш нема да добиеш интервју“, новинарските здруженија испратија осуда за настанот и побараа од МНР да преземе мерки за вакво нешто да не се повтори во иднина.
„Овој обид на МНР е целосно неприфатлив и ја загрозува слободата на медиумите и правата на граѓаните да бидат информирани за прашања од јавен интерес. Слични инциденти ја оцрнуваат сликата на новата влада и ја уриваат довербата кај граѓаните за работата на владата. Бараме од МНР да го истражи случајот и да преземе одговорност за лицето, со цел да се спречат слични инциденти во иднина. Го поздравувам колегата Салиу кој што му се спротивстави на притисокот и продолжи да дејствува според професионалната етика служејќи му на јавниот интерес“, изјавиле од Здружението на новинари на Македонија.
Од Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) порачаа дека е неприфатливо на каков било начин да се попречува професионалната работа на новинарите.
„Советот за етика го повикува МНР да ги преземе неопходните мерки за да го расчисти случајот и да спречи повторување на ваквите инциденти. Упатувањето какви било закани кон новинарите од страна на институциите не смее да биде метод со кој ќе се спречува известувањето за теми и прашања од интерес на јавноста. Во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права, безбедноста на новинарите мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување“, објаснуваат од СЕММ.
Од ТВ 21 информираа и дека по завршувањето на прес конференцијата, други вработени од министерството му се заканиле на новинарот Салиу со одземање на акредитацијата и упатување на протестна нота до редакцијата. Редакцијата побарала официјален став од МНР но од таму не добиле одговор за инцидентот.
Министерството за надворешни работи денеска, нешто по 14 часот, испрати реакција во која изразуваат жалење за вчерашните случувања. Од таму објаснуваат дека кога агендата на меѓународни претставници го ограничува времето на настанот, не се во можност да обезбедат сите прашања да бидат поставени на лице место, туку се балансира меѓу меѓународните и домашните медиуми.
„Вработените во службата за односи со јавност се задолжени за водење на прес конференциите, што понекогаш подразбира адекватно одредување приоритет на редоследот на прашањата согласно праксата на МНР. Жалиме доколку тоа понекогаш предизвикува непријатности за домашните редакции, а особено се извинуваме што за време на последната прес конференција, некој од вработените во службата за односи со јавност постапил несоодветно и предизвикал новинар да се чувствува непријатно при вршењето на своите задачи. Тоа не е наша намера, напротив, сакаме новинарите да го чувствуваат МНР како институција – партнер, која ги обезбедува најсоодветните услови за нивна работа. Во конкретниот случај, новинарот од редакцијата постави прашање на кое што му беше одговорено, при тоа, земајќи збор на новинар од странски медиум кој што веќе поставуваше прашање, што во секој случај не е оправдување за нашата грешка. Уште во текот на истиот ден, Кабинетот на МНР се обрати до главниот и одговорен уредник на редакцијата, при што беше пренесено извинување во име на Министерството“, стои во соопштението на МНР.
Од Министерството додаваат и дека по овие случувања, во комуникација со новинарските здруженија ја разгледуваат можноста да го ревидираат системот на давање збор на прес конференциите, во насока на овозможување поефикасно искористување на времето посветено за прашања.
Инцидентот се случил за време на вчерашната пресконференција на Министерот за надворешни работи Никола Димитров со медијаторот на Обединетите Нации, Метју Нимиц.
*Текстот е дополнет со реакцијата од МНР, која стигна по првичната објава на текстот.