Новинарството во криза: Професионални предизвици и ниски плати, дали РСМ останува без млади новинари?

Ниските плати, несигурните работни места и недостатокот на професионален напредок се само дел од секојдневните предизвици со кои се соочуваат младите новинари во Северна Македонија. Овие елементи ги демотивираат младите од студирањето на новинарството, па дури ги тераат и да се повлечат од оваа професија. Студентите по новинарство се жалат дека на универзитетите ја немаат основната опрема за практична работа, а велат и дека недостигаат различни програми и обуки. Од Здружението на новинари се свесни за овие проблеми, а професорот Сефер Тахири нагласува дека оваа професија ја нема поддршката што ја заслужува, пишува Порталб.мк.

Новинарите на иднината немаат услови да ја учат својата професија

Иако избрале да ја изучуваат оваа професија, младите се разочарани од можностите и условите што ги имаат за учење и за да се занимаваат со новинарство. Јусра Камбери е студентка по новинарство во трета година на Универзитетот во Тетово. Таа вели дека немањето основни услови влијае на нивното формирање како идни новинари од секој аспект.

„Недостигот на средства и ресурси, несоодветната литература, книгите и материјалите за новинарството се ограничени, и тоа го отежнува пристапот до современите знаења и новите техники на професијата. Исто така недостигот на технологија, опрема како што се професионалните камери, микрофоните, лаптопите и програмите за уредување, нив или ги нема воопшто или пак се неупотребливи“, вели Камбери.Таа додаде и дека факултетот нема студио каде што може да вежбаат за радио и телевизиски програми или подкасти.

„Недостигот на практично искуство, иако новинарството е професија ориентирана кон практичната работа, недостатокот на соработка со медиумските институции (телевизиски станици, весници, портали) го отежнува вклучувањето на студентите во практични проекти. Исто така, не се спроведува обука на терен, како што се вежби во живо за составување на вести и известување. Повеќето од практичните предмети се ограничени на теоријата и не се придружени со конкретни активности кои би ни помогнале во стекнување на професионалните вештини“, додаде Камбери.

Од друга страна, Михаела Коруновска, студентка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, нагласува дека студентите имаат потреба од повеќе можности и различни практики.

„Предизвиците се генерално исти за секој студент, но од нив најкомплицирано е прифаќањето на фактот дека кај нас недостига стручен кадар, медиумски диверзитет и напредок на ова поле“, рече Коруновска.

Таа смета дека треба да има повеќе можности за практична работа бидејќи само на тој начин можат да работат на терен и дека тоа е суштински дел од формирањето на еден новинар. „Во моментов има многу малку можности кои најчесто ги наоѓаме сами или понекогаш преку препораки од професорите“, рече Коруновска.

Страста е поголема од предизвиците

Ниските плати, политичките притисоци и лажните вести – според младата новинарка Афије Шерифи, ова се дел од причините кои ги демотивираат младите новинари. Таа вели дека новинарството веќе не е толку привлечно за младите, а поради тоа редакциите се соочуваат со недостиг од новинари. Еден од главните проблеми, според Шерифи, е финансискиот дел.

„Ниските плати често ги демотивираат младите, се случува многу млади луѓе да се откажат од новинарството или да се вработат во друга област, па дури и да си заминат од земјата“, вели таа.

Според неа, на младите новинари им е потребна поддршка од ментори и уредници, учество на разни обуки, но и подготвеност на самиот новинар постојано да учи. „Младите новинари не треба да ги сфаќаат работите лично, туку треба да работат со мирна глава, да бидат амбициозни, но и свесни за нивното влијание врз општеството. Пред се да не заборават дека работат за граѓаните и дека нивната мисија е да информираат точно, објективно и одговорно“, рече Шерифи.

Од друга страна, сите овие предизвици не ја обесхрабриле новинарката Ангела Бошкоска, која почнала да се занимава со новинарство уште пред да започне со студиите, професија која ја практикува и денес и додека студира.

Бошкоска нагласува дека новинарската професијата во РСМ не е доволно ценета, па дури вели дека има случаи кога младите новинари поминуваат и години во неплатена „практика“.

„Новинарството мора континуирано да се развива во соработка со младите новинари за да се постигне квалитетен производ кој е во согласност со светските трендови и новите средства за работа“, нагласи Бошкоска.

Меѓутоа, таа вели дека финансиски младите новинари понекогаш се помалку или воопшто не се платени за она што го работат и понекогаш можат да поминат и години во неплатена „практика“. Во услови кога новинарите со децениско искуство не се доволно платени за својата работа и вештини, што можат да очекуваат младите новинари во однос на финансискиот надоместок?

Тахири: Новинарството во РСМ ја нема поддршката што ја заслужува

Универзитетскиот професор Сефер Тахири нагласува дека државата во иднина мора да им дава поддршка на младите новинари бидејќи тие се иднината. Тој предлага неколку начини на кои може да се направи тоа.

Сефер Тахири, политички аналитичар. Фотографијата е преземена од неговиот Фејсбук профил.

„Помошта може да се обезбеди во различни форми преку стипендирање на универзитетите, односно на факултетите каде што се изучува новинарство, комуникациски науки или односи со јавноста, потоа може да има стипендии во рамките на медиумските институции или самите медиуми, така што тие ќе ги стимулираат младите новинари со плаќање за нивната практична работа или пак за почетната фаза“, вели Тахири.

Тој смета дека треба да се направат напори во редакциите да се обезбеди што поголем број на обуки за младите новинари за во иднина да можат да станат професионалци.

„Мислам дека различни факултети во рамките на универзитетите нудат формални програми, има и неформални програми во рамките на различни институти или организации, но мислам дека во оваа насока е потребен поактивен пристап во однос на промовирањето на овие програми од страна на универзитетите или институтите, затоа што кај младите има одредена доза на сомнеж околу определувањето да се занимаваат со оваа професија поради различни фактори како што се ниските плати, ризикот што го носи професијата и слично“, рече Тахири.

Професорот додава дека во РСМ новинарските плати се ниски и дека на почеток на младите новинари им се нудат плати кои можеби се минимални, но според него тоа не треба да ги обесхрабри за да продолжат со оваа професија.

ЗНМ: Состојбата на младите новинари во земјава останува предизвик 

Проблемите на младите новинари ги потврдува и Здружението на новинари на Северна Македонија. Велат дека според истражувањето на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, голем дел од младите новинари земаат плата под просечната плата во земјава.

„Тоа ни кажува за недоволната финансиска поддршка и небезбедните услови за работа. Во однос на образовните програми за студентите по новинарство, постои потреба од зголемување на бројот и квалитетот на формалните и неформалните програми. ЗНМ презема чекори во оваа насока, соработувајќи со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип за подобрување на програмата за новинарство и обезбедување на практични искуства за студентите. Во рамките на ЗНМ, постои Секцијата за млади новинари која се фокусира на професионалниот развој на членовите со цел да ги направи нивните кариери поконкурентни. Според нив, тоа се постигнува преку организирање на обуки, работилници и менторски програми“, велат од ЗНМ.

Друга иницијатива на ЗНМ е Академијата за обука на новинари и медиумски работници, која има за цел да промовира професионален развој преку квалитетно образование, обука и вештини неопходни за модерно новинарство.

Инаку, голем придонес во обуката на младите новинари низ годините има дадено и Фондацијата Метаморфозис. Трета година по ред  во партнерство со Меѓународниот центар за новинари, како дел од програмата „Новинарство за новата генерација“ организираат различни обуки, на кои на младите им се нуди платена пракса, студиски посети во САД и можности за вработување.

И во Извештајот на Европската Комисија за 2024 година  за напредокот на РСМ на патот кон членство во Европската унија се наведува дека состојбата на новинарите во РСМ не е добра.

Мета.мк