Apple постигнал договор со најголемите светски сервиси за плаќање – Visa, MasterCard и American Express во следниот, шести iPhone да биде вклучен „мобилен паричник“. Со помош на нов систем, корисниците ќе можат да плаќаат сметки на сите места на кои може да се плати со платежна картичка на овие сервиси, јавува Bloomberg повикувајќи се на анонимен извор запознат со развојот на новиот модел.
iPhone6, кој ќе биде претставен на 9 септември, ќе понуди поедноставен начин на плаќање – тој во себе ќе содржи комуникациски чип кој функционира на одредено растојание од читачот на податоци. Системот ќе биде комбиниран со читач на отпечаток од прст, а технологијата позната како Touch ID ќе овозможи безбедно плаќање.
Софтверскиот гигант Google веќе се обиде да имплементира систем за плаќање преку смартфон, но големите продажни ланци, особено во САД, бавно го прифаќаат. Создавањето на мобилниот паричник според планот на Apple, според аналитичарите, може уште повеќе да ја зголеми лојалноста на корисниците на iPhone.