Технолошкиот гигант Apple го претстави својот последен производ, најтенкиот и најлесен лаптоп досега. Тој веднаш наиде на критики кај диџеите, кои велат дека новиот Macbook едноставно не може да се користи за пуштање музика.
На лаптопот има само еден УСБ порт, кој во исто време се користи и како извор на напојување. Единствен начин да приклучите дополнителни уреди на овој Macbook е да користите адаптер за УСБ тип А и посебен додаток, кој чини дополнителни 80 долари. Дури и на овој додаток има само еден УСБ 3.0 порт, еден ХДМИ излез и еден УСБ-ц порт за напојување.
Ова е посебно неповолна опција за диџеите, ако се знае дека ваквите додатоци знаат да прават проблеми, па и целосно да откажат. Оттаму, вклучувањето на повеќе контролери преку само еден УСБ порт на овој лаптоп во ситуација кога се пушта музика ќе претставува голем ризик.
Новиот Macbook има вградена меморија од само 256 гигабајти, која може да се надгради до 512 гигабајти. За модерниот диџеј, кој има на располагање огромни датотеки со музика, малиот капацитет на Macbook-от ќе биде уште еден проблем.
Се на се, познавачите велат дека Apple со ова практично ги издвојува корисниците на линијата Macbook Pro, кои ќе треба да платат повеќе, за да вршат професионални задачи (меѓу кои и пуштањето музика), од просечните корисници, кои со новиот Macbook ќе имаат поевтино средство за секојдневно користење за „лесни“ цели. За разлика од линијата Macbook Pro, чии лаптопи се продаваат по цена од околу 2.000 долари, новиот, лесен и тенок Macbook во САД ќе се продава по цена од 1.100 долари, додека во Европа неговата цена би требало да биде повисока за 20 до 25 %.