Панк-рок составот „Новиот почеток / Тhe Beginnings“ го објавија шестиот по ред албум „Endless Endeavors“, издаден под етикетата на „Sixtynine Records“.
Албумот е достапен на сите дигитални платформи, а може да се симне и поддржи преку „Бендкемп“.
„Истиот излегува на винил на 25 март во Скопје, а ќе биде потоа достапен и за нарачка по пошта (ЦД треба ли да правиме?). Албумот е производ на последниве 3 години работа, а вклучува и пар песни создадени во периодот од 2012 до 2014 година“, соопштија од бендот.
„Endless Endeavors“ е сниман, продуциран и мастериран од Ненад Трифуновски – Трипе и Филип Тасевски – Фиц. Тапаните се снимени во Кино Фросина, МКЦ, Скопје, се’ останато во нивната пробувална во „Макотекс“.
Ковер артот е на Фиц, ковер илустрацијата на DALLE-2, додека фотографијата од бендот е на Стефан Рајхл.
Инаку, „Новиот почеток / Тhe Beginnings“ е формиран во 2002 година, тогаш прво со оригиналното име „Морфиум“. Дечките се препознатливи по своите енергични концерти. Нивната музика наликува на онаа од влијанијата кои ги има бендот од калифорниската панк рок / скејт панк сцена претежно од 90-ите, но со значителни примеси на хардкор. Текстовите во основа обично обработуваат општествено политички тематики, но голем дел се и длабоко персонални и емотивни.
Бендот го сочинуваат Филип Тасевски, Никола Исајловски, Емил Тодоров, Александар Петровски и Иле Лулевски.
Неодамна извадија и спот за песната „Црно-бело“.