Собранието на денешната 30-та седница гo донесе Законот за урбано зеленило, чија основна цел е управување со зеленилото со што ќе се сочува и зголеми неговата вредност, како и спроведување на неговите функции.
„Основни начела и принципи се одржливост, интегрираност, соработка и едукација, како и пристап до информации и учество на јавноста. Со Законот за урбано зеленило ќе се воведе целосен систем за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на зеленилото, финансирање и управување со него, како и надзор над примената на овој закон“, стојат како цели во законот.
Исто така, стои обврска за изработка на зелен катастар на градот, односно попис на целото зеленило, по број, вид и состојба. Внесен е стандардот од 25 м²/жител зелена површина, за сите идни Генерални урбанистички планови, како и најмалку 20% зелена површина на секоја градежна парцела, зависно од намената и локацијата.
„Во веќе изградени блокови се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на покриви и фасади. Предвидена е строга заштита на постојното зеленило, особено на капиталните примероци, независно од видот на сопственоста. Се утврдуваат стандарди и нормативи за планирање, проектирање и одржување на зеленилото, како и носители на одржувањето“, стои во документот.
Законот беше поднесен од пратениците Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, Петре Шилегов, Стефан Богоев, Благој Бочварски и Диме Велковски од СДСМ (првите тројца сега градоначалници на Скопје, Карпош и Штип) и Ејуп Аљими од ДУИ.