Следната година ќе биде усвоен нов Закон за високото образование кој ќе обезбеди повеќе и подобри можности за студентите и професорите, но и ќе ги подигне стандардите за квалитет што високообразовните установи ќе треба да го следат. Ова го рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на вчерашната собраниска седница на која пратениците поставуваа прашања до членовите на Владата, пишува Новинската агенција Мета.
„За жал, имаме студенти кои дипломираат со висок просек, а немаат познавања ниту за шестка. Поради нив, студентите кои ги стекнале дипломите со труд и имаат знаења, одлучуваат да си заминат и да работат во сериозни компании во странство“, рече Јаневска, додавајќи дека ова е суштинска причина за отпочнување на крупни промени во високото образование.
Министерката најави дека деновиве на владиниот ЕНЕР систем ќе биде поставен и нов Закон за националната рамка на квалификации, кој вчера беше усогласен со Секретаријатот за законодавство.
„Законот точно дефинира какви квалификации и способности треба да поседуваат и што можат да работат студентите со завршени тригодишни и со четиригодишни додипломски студии и тие воопшто не се дискриминирани ниту при вработување, ниту при остварување на други права. Ќе потсетам дека една од мерките која ја спроведовме по моето назначување за министерка е тоа што им овозможивме на студентите со завршени тригодишни додипломски студии, значи со 180 ЕКТС, да можат да аплицираат за стипендија за втор циклус на студии на домашните високообразовни установи, што порано не им било дозволено“, рече Јаневска.
Таа додаде дека очекува новото законско решение да биде усвоено во Собранието до крајот на тековната календарска година.
Јаневска истакна дека е во постојана комуникација со студентите, особено со како што рече, Националното студентско тело со кое дискутираат за предизвиците на македонските студенти.
„Досега прифативме повеќе нивни барања, а последното се однесува на конкурсот за доделување стипендии за студии од втор и трет циклус во државата, според кое доколку не аплицираат доволно кандидати за стипендиите за техничките науки кои се побројни, наместо средствата да пропаднат, ќе овозможиме да се искористат за стипендирање на студенти на општествени науки“, рече министерката во Собранието, соопштува Министерството за образование и наука.
Додаде дека одлучиле да доделат повеќе стипендии на за студенти од областа на техничките науки, затоа што тие се дефицитарни.
„Системот на стипендирање е адаптибилен и во иднина може да се менува зависно од потребите на пазарот на трудот и соодветно стимулирање на учениците за избор на одредени области“, кажа Јаневска.
Таа најави дека од следната година, бројот на места за упис на факултетите ќе бидат дефинирани според реалните потреби од кадар.
Инаку, Законот за високо образование е еден од приоритетите и на ново формираното Национално координативно тело за реформи во високото образование, науката, истражувањето и развојот.