Системот за детекција на судари кој го имаат новите Ајфон 14 телефони, кај дел од корисниците се активира при возењето на ролеркостер, по што телефонот прави повик на службите за брза помош.
Волстрит Журнал добиле информација за шест повици кон локалните служби за брза помош во близина на забавен парк во Синсинати, Охајо. Во еден од повиците автоматската порака од Ајфон телефонот гласи „Сопственикот на овој Ајфон беше во тешка сообраќајна несреќа и не може да одговори на неговиот телефон“, додека во позадина се слуша звук од атмосферата во забавниот парк, пренесе Би-Би-Си.
Дополнително возачи пријавувале и случаи во кои системот за детекција на судари се активирал бидејќи телефоните им паднале додека нивниот автомобил бил во движење.
Од компанијата Епл велат дека технологијата е наменета да обезбеди дополнителна безбедност за корисниците и дека со тек на времето ќе се подобрува.
Во претходни тестирања од страна на весникот, системот на Епл не се покажал како премногу чувствителен додека бил подложен на неколку различни ситуации на судари.
Лажните повици кон брзата помош може да претставува вистински проблем за итните служби, а истовремено можат да предизвикаат голем стрес за роднините.
„Ние сме многу ажурни за овие повици. Ниту еден повик не поминува без да се провери што се случило. Се навикнувате на повици кои не се итни, но тоа сепак е дополнителен притисок на диспечерите“, објаснува Мелиса Бур, директорка на итните служби на Ворен Каунти, кои ги примале повиците од забавниот парк во Синсинати.
Сајтот за вести за ролеркостери „Coaster101“ регистрирале дека забавниот парк „Доливуд“ веќе има предупредување за оние кои се возат на ролеркостер дека постои ризик од лажни повици кон брзата помош. Знаците пред двата најинтензивни ролеркостери предупредуваат дека часовниците на Епл или други слични уреди не треба да се носат додека се прави возењето поради опасност дека можат да ги активираат системите за детектирање судари и со тоа да направат непосакуван повик на итните служби.