Новите набљудувања на телескопот „Џејмс Веб“ се првите снимени фотографии од егзопланета, односно планета што се наоѓа надвор нашиот сончев систем, пишува „Гардијан“.
Истовремено, тие се првите слики од егзопланета снимени со инфрацрвена светлина што дава многу попрецизни индикации за нејзината маса и температура. Ова ќе им овозможи на астрономите да можат да го одредат движењето на облаците кои се движат низ небото на планетата.
Директното снимање на егзопланетите претставува голем технички предизвик, бидејќи ѕвездата домаќин на планетата е многу посветла од самата планета. Фокусот на последните набљудувања е планетата „ХИП 65426 б“ што има 10 пати поголема маса од онаа на Јупитер кој се наоѓа на оддалеченост од 385 светлосни години од Земјата во соѕвездието Кентаур.
Растојанието меѓу егзопланетата и нејзината ѕвезда домаќин е 100 пати поголемо од растојанието меѓу Земјата и Сонцето. Сепак егзопланетата е 10.000 пати побледа од својата ѕвезда и процесот да се сними е еквивалентен на тоа да се забележи светулка што стои до голем светилник.
Последните набљудувања покажуваат дека атмосферската температура на егзопланетата е 1.300 Целзиусови степени и сугерираат дека атмосферата содржи црвени облаци составени од силиконска прашина.
„Би било ужасно да се живее таму, ако некој лебди наоколу во атмосферата може да изгори жив“, изјавила професорката Саша Хинкли, еден од главните истражувачи на набљудувањата.
Егзопланетата „ХИП 65426 б“ е создадена пред 10-20 милиони години, што значи дека е многу помлада од Земјата што настанала пред 4,5 милијарди години. Набљудувањата овозможуваат прикази кои се послични на Јупитер и Сатурн и имплицираат на тоа како истите изгледале во периодот на нивното создавање.
НАСА очекуваат во иднина „Веб“ да прави подетални набљудувања од планети што се послични на Земјата, вклучувајќи ги и оние што имаат потенцијални услови за вселување и живот.