Новите соеви на коронавирусот ги „одржуваат“ ограничувањата за патувања во сите региони во светот, при што сè уште има ограничувања во 98 отсто од сите дестинации во светот, а едно од пет места има целосно затворени граници, според новиот извештај на Светската туристичка организација (УНВТО).
Во извештајот кој беше објавен вчера, организацијата предупреди дека новите бранови на пандемијата негативно влијаат на повторниот старт на меѓународниот туризам, што е потврдено и со податокот дека моментално 46 дестинации или 21 отсто од сите во светот имаат целосно затворени граници за туристите, од крајот на април минатата година.
Околу 55 или 25 отсто од сите светски дестинации во моментов имаат делумно затворени граници за туристите, додека 112 или 52 отсто од дестинациите од туристите бараат да прикажат ПЦР или антиген тест по пристигнувањето.
Извештајот на УНВТО исто така покажува како дестинациите се отвораат за вакцинираните туристи, односно 85 дестинации или 39 отсто од сите во светот ги ублажија ограничувањата за целосно вакцинираните туристи.
Сите ограничувања за туристите беа укинати од само четири дестинации, односно Колумбија, Костарика, Доминиканска Република и Мексико.