Ново обвинение против Рамиз Мерко, одземен му е пасошот

Основното јавно обвинителство Струга поднело уште едно обвинение против градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, поради што до струшкиот суд е доставен предлог да му се определат мерки за претпазливост – одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница и обврска повремено да се јавува во Судот, пренесува агенцијата Мета.мк.

Од Јавното обвинителство соопштија дека, по спроведена претходна постапка, поднеле обвинение против Мерко бидејќи во март годинава поставил спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда, со кое поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга. Со тоа, тврди обвинителството, сторил кривично дело предвидено во Законот за меморијални споменици и спомен-обележја.

„Имајќи предвид дека обвинетиот е долгогодишен јавен функционер, против кого ОЈО Струга во краток временски период годинава поднесе повеќе обвиненија и веќе води осум судски постапки за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Несовесно работење во службата, надлежниот јавен обвинител оцени дека постои реална опасност обвинетиот да се обиде да го избегне кривичниот прогон“, велат од Јавното обвинителство.

Основниот суд Струга го прифатил предлогот на обвинителството и донел решение со кое му го одзел пасошот на Рамиз Мерко и го задолжил еднаш неделно да се јавува во судот.

Функционерот на ДУИ и градоначалник на Општина Струга се гони за 20 кривични дела. Министерството за внатрешни работи од 2007 до 2024 година поднело 12 кривични пријави. Осумнаесет дела се однесуваат на злоупотреба на службената положба и две за несовесно работење во службата. Вака за Порталб.мк информираа од МВР.

Мерко во јуни 2023 година беше ставен на американската „црна листа“, поради вклученост во значајна корупција.

Од американското Министерство за финансии тогаш соопштија дека Мерко, како градоначалник, злоупотребувал општински средства и се мешал во судски и други јавни процеси нарушувајќи ја довербата на македонската јавност во демократските институции и функционери.