Иницијативата На Точак во среда (29 декември) од 17:30 часот од Плоштадот Македонија во Скопје ќе ја одржат последната Критична маса за 2021 со желби за подобра велосипедска инфраструктура во новата 2022 година.
„Крајот на годината е период во кој сите мечтаеме за подобро утре и во воздухот се чувствува надежта и вербата дека наредната година ќе ни донесе убави промени. Па така и ние си замислуваме едно подобро Скопје, одржливо, безбедно, хумано, во кое сите ќе можеме да дишиме чист воздух, да се движиме слободно и да се чувствуваме убаво во нашиот град“, велат од На Точак.
Меѓу 10-те желби за следната година тие посакуваат:
1. Слободни тротоари и квалитетен јавен простор
2. Велосипедска мрежа
3. Визија нула и Зона 30
4. Паркинзи за велосипеди за секој нов објект и јавен простор
5. Субвенции за велосипеди и велосипедска опрема
6. Денови без автомобили / улици за луѓе
7. Процедури, стандарди, транспарентност, партиципативност
8. Систем за изнајмување велосипеди
9. Вардарска зелена магистрала
10. Промена на сообраќајниот систем на Скопје
„Желбата останува само мечта ако не се каже гласно и ако не се работи на нејзино остварување. Затоа уште еднаш ги потсетуваме нашите нови градоначалници да ја проверат листата два пати. Ние бевме многу добри. Педлавме неуморно, споделувавме позитивни примери од светот, укажувавме на грешки и пофалувавме квалитетни промени“, додаваат од Иницијативата.
Повеќе информации за Критичната маса #88 на следниов ЛИНК.