Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ оваа година нуди уникатна колекција Новогодишни честитки, создадени со дизајни од истакнати македонски уметници: Андреа Бојковска, Ва Дот, Ване Костуранов, „Кокидо“, Зоран Инадески, Георги Равански и Иван Претрушевски – Флим.
„Со секоја купена честитка, освен што испраќате празнична радост, директно поддржувате програми за економско зајакнување на ранливите сограѓани и промовирате одржливи вредности. Честитките се достапни во печатена и GIF верзија, што додава модерен дух на традиционалното празнување“, велат од „Лице в Лице“.
Од таму истакнуваат дека во време на брза комуникација, потсетуваат на вредноста на лично честитање, со ракопис, порака и внимателно одбрана честитка – гест што носи топлина и посебност.
„Со купување на Новогодишните ‘Лице в лице’ честитки, директно ги поддржуваме продавачите на списанието, но и ја поттикнуваме заедницата да негува вредности што носат бенефити за сите. Средствата се насочуваат кон инклузивни програми за ранливите сограѓани, користењето на рециклирана хартија промовира одржливост, а истовремено се промовираат и македонски уметници. Секоја честитка е мало дело на добрина кое остава голем отпечаток“, велат од таму.
Честитките се достапни за 100 денари, а сите заинтересирани можат да ги купат од продавач на фреквентните места во градовите каде што се продава списанието, или да нарачаат на livecvlice@public.org.mk