Професорот Дејан Мираковски победи на изборите за нов ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип. Неговиот мандат, кој треба да започне на 15 септември е во траење од три години, со можност за реизбор и за втор мандат. Мираковски досега беше проректор за развој, инвестиции и одржување на УГД, како и професор на Техничко-технолошкиот факултет.
Во изјава за Радио МОФ, Мираковски посочи дека една од првите работи на кои ќе се посвети откако ќе стапи на функцијата е динамизирање на институцијата, односно универзитетот.
„Сакам да пробаме да ги вклучиме максимално ресурсите што ги имаме. Mногу повеќе луѓе да се вклучат, да обезбедиме како старт-ап, првична поддршка, со наши ресурси да се заживее научното истражување, да се заживее на некој начин таа научна мисла, тоа ми е првиот чекор“, рече Мираковски.
Дополнително, тој вели дека сака подобро да го поврзе универзитетот со општеството, бидејќи вели дека универзитетите се на некој начин изолирани, а треба да бидат дел од општеството во кое функционираме.
„Има многу работи, од студентски поликлиники, клиника за правни совети во која ќе можат студентите да даваат услуги на одредени категории бесплатно, а и да учат. Тоа од прилика, таа структура исто сакаме да ја иницираме. Друго, во првите работи што би ги направиле, е да го искористиме тоа што го научивме од кризата, од пандемијата. Тука има големи можности, гледам големите универзитети веќе се прилагодуваат на некоја комбинирана хибридна настава, полесен трансфер на знаење. Нешто може многу добро да се прави со трансфер преку дигитална форма, од друга страна повеќе простор да остава за физички вежби и директен контакт, да си ги направите училниците, да ги користите повеќе за вежби, а помалку за аудитивни предавања, и тоа ни е идејата, да пробаме малку да ја подобриме хибридната настава“, дециден е Мираковски.
На изборите за нов ректор, покрај Мираковски, учествуваа и Винета Сребренкоска, Емилија Јаневиќ-Ивановска, Зоран Панов, Владо Гичев и Татјана Пачемска.
Мираковски доаѓа на местото на професорот Блажо Боев кој беше ректор во два мандати.
Програмата за работа на новиот ректор може да се погледне на следниов ЛИНК.
Мартин Колоски