Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје и оваа година традиционално го одбележува 23 април – Светскиот ден на книгата и авторското право, кој е прогласен од УНЕСКО (Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации) во 1995 година.
„23 април се одбележува во целиот свет секоја година како симболичен датум во светската книженост, бидејќи токму овој ден е поврзан со брилијантните личности на пишаниот збор како Мигуел де Сервантес, Вилијам Шекспир, Лопе Де Вега. Идејата се заснова на стариот каталонски обичај да се подари книга и роза“, велат од библиотеката.
НУБ „Св. Климент Охридски“ е вклучена во ова празнување од самиот почеток и е координатор на активностите низ државата.
„Македонската порака за настанот ја напиша проф. д-р Славица Велева, а на одбележувањето ќе биде прочитана и светската порака од г-ѓа Одре Азуле, генерален директор на УНЕСКО“, истакнуваат оттаму.
Настанот, кој ќе започне од 13 часот, и годинава има поддршка од Шпанската амбасада во Скопје.