НУК бара укинување на работното време на угостителите и олеснувања за музички настапи

Независната угостителска комора (НУК) информира дека утрово до Комисијата за заразни болести и Министеството за здравство доставиле барања за промена, усогласување и унапредување на новите протоколи, кои очекуваат да бидат разгледани.

Угостистелите, меѓу другото, бараат укинување на работното време.

Бараат и укинување на одлуката со која се забранува работа во внатрешни делови на угостителски објекти или, велат тие, во најмала рака, да се дозволи работа на внатре во објекти кои се здобиле со златен сертификат од кампањата на НУК „Чисто и безбедно“ и кои во своите објекти располагаат со сертифицирани пречистувачи на воздух кои го елиминираат живиот КОВИД-19 од воздухот.

Бараат и укинување на точка 13 со која се забранува организирање музички настани со настап на музички уметници во отворен и затворен дел од објектот (пејачи/музички групи/диџеи).

„Укинување на точка 14 со која се ограничува максималното ниво на бучава во угостителските објекти за исхрана на 55 децибели бидејќи истата и во сегашни услови е неприменлива, нефункционална и непотребно создава конфликти во угостителството“, стои во соопштението.

Бараат и да се дозволи одржување на настани, прослави, веселби во сите угостителски објекти согласно доставени предлог-протоколи, а исто така, наместо 4, да се дозволи можат да седат 6 и повеќе лица на соодветни или споени маси.

„Во случај кога се работи за една цела фамилија (традиционални фамилии од повеќе генерации) со повеќе од 4 лица да се дозволи да можат како фамилија да седат сите на една маса, а не да ги навредуваме фамилијарните вредности и да ја навредуваме делиме фамилијата која живее под еден исти кров на две или повеќе маси само затоа што истата е поголема од 4 лица!“, бараат од НУК.

Последно, бараат да се дозволи и работа на ноќни клубови, кабареа и затворени и летни дискотеки согласно доставени предлог протоколи.

„Со оглед на праксата која Комисија за заразни болести во континуитет ја спроведува самостојно да одлучува без можност угостителите да учествуваат на седниците кога се носат круцијални одлуки за нивната работа и егзистенција НУК повторно за најавениот денешен состанок на Комисијата за заразни болести како потсетување ги достави предлозите и барањата за кои очекува во најмала рака комисијата да биде доблесна и да ги прочита, а најавените експерти од Министерот за економија да ги земат во предвид при креирањето на новите протоколи“, велат од НУК.