Властите на Осло информираат дека на патиштата на главниот град на Норвешка во изминатата 2019 година не е регистриран ниту еден смртен случај на пешак и велосипедист.
Градот со популација од 673.000 жители, драстично го намали вкупниот број жртви во сообраќајни несреќи, па така во 2019 имало само еден смртен случај со возило, за разлика од пример 1975, кога биле евидентирани 41 такви несреќи.
Сега, Осло ја помина годината без загинат пешак и велосипедист и речиси ја остварува таканаречената „визија нула“ за жртви во сообраќајот.
Ова се должи, пред се’, на се помалиот број на возила во градот. Исто така, уличните паркинг места се заменети со велосипедски патеки и тротоари. Влезот во центарот се наплаќа и со тоа се дестимулира возење кола, а освен пристап за возила, намалена е и брзината за движење, што придонело за намалување на смртните случаи.
Исто така, 2019 е прва година после Втора светска војна кога има нула загинати деца во цела Норвешка.
За разлика на пример од САД каде сообраќајот е водечка причина за смртност кај деца и секоја година 4.000 деца се загинати во сообраќајните текови.
Во Македонија, тој број се движи меѓу 7 и 24 деца загинати во сообраќај годишно последниве 20 години.
Претставник од норвешкото РСБСП вели дека една причина за овој напредок е воведувањето на т.н. „срце зони“ околу школите, каде со физички мерки се смирува сообраќајот и е обезбедено пешачењето и возење велосипед до училиштата, а се затвораат улиците за автомобили за време на часовите.
По ваквите информации, домашната иницијатива НаТочак објави дека од Осло можат да се земат неколку поуки. Прво, за безбедност на сообраќајот во градот се потребни многу локални политики, политики на Градот и општините, а не препуштање на безбедноста целосно на МВР.
„Тоа подразбира носење сопствена ‘Визија нула’ на Град Скопје и применување на практични мерки во дизајнирањето на улиците. Во Македонија 1/3 (околу 50) од жртвите во сообраќај годишно се во населени места! Тоа е недозволиво! Тоа значи дека улиците не ни се дизајнирани за ограничувањето за населени места од 50 километри на час“, соопштија НаТочак.
Второ, велат од НаТочак, дека еден Републички совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП), треба да се бави со барање на реални мерки во сообраќајот, а не само со кампањи.