Министерот за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) Насер Нуредини денеска соопшти дека амбицијата во 2030 година да се постигне намалување од 51% на емисиите на стакленички гасови во однос на емисиите од 1990 година се поставила како национална цел, откако Владата вчера го усвои Ревидираниот национален придонес кон Договорот од Париз за климата.
Ваквиот стратешки документ, како што велат од МЖСПП е нов, поамбициозен придонес кон глобалните напори за намалување на емисиите на стакленички гласови, посочувајќи дека е фокусиран и на ублажувањето на климатските промени.
„Позитивниот аспект од усвојувањето на овој амбициозен Ревидиран национален придонес е засилен со фактот дека истиот го одредува придонесот на државата во реализација на Зелената агенда на ЕУ и Инвестицискиот План за Западен Балкан на ЕУ и може да служи како инструмент за засилени инвестиции“, додаде Нуредини.
Од МЖСПП велат дека во поднесокот се вметнати резултатите од анализите за потенцијалот за намалување на стакленичките гасови, каде се анализирани 63 политики и мерки за ублажување во секторите енергија, земјоделство, шумарство и друга употреба на земјиште, отпад, како и дополнителни мерки.
„Ревидираниот национално утврден придонес кон Договорот од Париз е одраз на Зеленото сценарио од Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и е целосно усогласен со предлог Националниот план за енергија и клима. Дополнително, тој е силно поврзан со изработката на Долгорочната Стратегија, за која во моментов Министерството води процес на стратегиска оценка на влијанието на регулативата, како и Законот за климатска акција чија прва работна верзија се финализира“, додаваат од МЖСПП.