Нуркачите од „Амфора“ алармираат за состојбата со вливот на реките во Охридско Езеро

Состојбата со вливот на реките во Охридското Езеро е алармантна, реагираат нуркачите од Нуркачкиот центар „Аморфа“, кои изминатиот период работеа на проектот „Подводна еко патрола”.

Целта на овој проект беше да се детектираат вливовите на реките преку кои најмногу се загадува Охридското Езеро со цврст отпад, а беа опфатени четири реки: Черава, Грашница, Далјан и Сатеска.

Овој проблем не е новина, потсетуваат нуркачите. Евидентно е присуството на големи количини отпад во форма на градежен шут, пластични шишиња, метални канти, автомобилски гуми, разна облека.

Со оглед на тоа што цврстиот отпад доаѓа во најразлични форми и габарит, бараат сеопфатно решение на проблемот. Притоа посочуваат две практични решенија кои можат да се применат на вливовите, како предлози на меѓународниот нуркачки инструктор Јован Секулоски.

Првото решение е поставување мрежна структура за зафаќање на отпадот која ќе се протега на ширината на вливовите, а потоа ќе се управува од копно или пловен објект. Второто можно решение пак, според Секулоски, е т.н кит за чистење реки – иновативно решение засновано врз принципот на колекторска мрежа чија цел е да го акумулира отпадот кој лебди или е полупотопен и функционира како природна брана.