Нуркачите од ,,Амфора” направија документарен филм за Охридската пастрмска, отсега е достапен онлајн

Нуркачкиот центар ,,Амфора” објави документарен филм за Охридската пастрмка, која претставува заштитен знак и синоним за ендемичноста на Охридското езеро.

Во него, се поставува темата за неконтролираниот лов, кој како што велат од ,,Амфора, ќе доведе до потполно нејзино исчезнување.

,,Целта на овој документарен филм е да се запознаеме со вековниот ритуал на Охридската пастрмка, каде се мрести, како се однесува при мрест, кои се реакциите при контакт со нуркач, а со единствена порака за нејзина заштита од изумирање”, велат од нуркачкиот центар.

Документарниот филм е сниман во текот од пет сезони во зима декември, јануари и февруари  во период кога охридската пастрмка доаѓа во плитки води да се мрести.

Направени се повеќе од 50 часа снимен материјал и над 300 подводни фотографии.

,,Нуркањата беа изведени во екстремни и ноќни услови, на температура на вода од 6 до 7 целзиусови степени, во присуство на планктон, струења, заматена и разбранета вода.

За да се направи добар снимен материјал потребно големо искуство во нуркање, стабилност при снимање, да се познаваат навиките на пастрмката и местата на кои се мрести”, забележуваат од ,,Амфора”.

Најчесто се снимало на длабочина од 2 до 15 метри, но направени се и доста нуркања до 40 метри длабочина.

Овој документарен филм имаше своја промоција во Охрид, но до сега не е објавен во медиум.

Од нуркачкиот центар велат дека со овој гест, сакаат да дадат свој придонес и на нашите граѓани да им прикаже интересна приказна и да им го олесни домашниот престој.