Министерот за транспорт Александар Николоски во изминатиов период даде многу изјави дека јавниот интерес му бил во прв план, особено кога се работи за општина Карпош и Центар, каде според него не смее да има нови станбени згради, велат од „О2 Иницијатива“.
Оттаму, посочуваат тие, на дело ќе видат колку навистина го мисли тоа што го кажува.
„Министре, еве Ви шанса да покажате дека навистина го имате јавниот интерес во прв план. Бараме итно поништување на издаденото одобрение за градење за т.н. 17 катница, односно комплексот на згради кој се гради позади Поликлиника Букурешт, во близина на болницата 8ми Септември – привремено заштитено добро“, соопштуваат еко-активистите.
Тие потсетуваат дека Одобрението за градење се доби како резултат на издавање на незаконско позитивно конзерваторско мислење, за што има отворено предмет во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„Ова мислење се поништи, како резултат на истрага и на барање на министерството за култура и се издаде ново негативно конзерваторско мислење. Но, градоначалникот и надлежните на општина Карпош не постапуваат по службена должност и не го поништуваат одобрението за градење. На терен се гради без прекин, а штетата расте со секој изминат ден. Министерот има законска можност да го поништи одобрението за градење“, соопштува „О2 Иницијатива“.
Истовремено, ги повикуваат и жителите на Карпош и Скопје да испратат барање до министерот.