Еколошката организација „О2 Иницијатива“ упати низа критики и забелешки откако вчера излегоа најновите податоци и проценки за бројот на прерано починати поради аерозагадувањето во Европа, направени од Европската агенција за животна средина, а се однесуваат за 2022 година.
На ниво на цела Европа, околу 240.000 смртни случаи се поради изложеноста на ситните честички ПМ 2.5., а од нив во Македонија се дури 3.600. Исто така, во земјава 330 смртни случаи се поради NO2 (азот диоксид), додека 210 – поради акутна изложеност на озон.
„Македонија е на самиот ВРВ во Европа по број на починати поради изложеност на PM2.5, со 303 лица на 100.000 жители во ризик. Поприлично оддалечена, на второ место е Босна со 258, потоа Косово со 254 и Србија со 228. За споредба Франција има 48, Германија 55, Данска 31 починати на 100.000 жители во ризик. Ние имаме 5, 6, 10 пати поголема смртност поради аерозагадувањето со PM честички од голем број на земји во Европа. Конкретни мерки кои ќе ги намалат изворите на аерозагадување соодветно на алармантите бројки, нема. Ниту на централно, ниту на локално ниво“, реагираат од „О2 Иницијатива“.
Еко-активистите потенцираат дека нивните предлози за амандмани на буџетот во таа насока не биле предложени комисиски од Комисијата за финансирање и буџет во Собранието, која го разгледуваше Буџетот за 2025 година.
„Никој од пратениците не ги предложи. Ни позиција, ни опозиција. Во минатите години, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозиција бараа средства од буџетот за оваа намена, но сега од позиција на власт, не. Остануваат само некоординираните изјави што ќе се направи во текот на 2025 на ова поле“, забележуваат од „О2 Иницијатива“.
Оттаму потенцираат дека со немање на јасни, прецизни мерки и конкретни буџетски средства за истите, повторно се губи уште една година во низата без ефективни мерки за намалување на аерозагадувањето.
„О2 Иницијатива“ најавува и прес-конференција за утре, петок, која ќе се одржи пред Влада од 11 часот. Нивното обраќање е во контекст со барањето поддржано од 10 граѓански организации за забрана на увоз на користени возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“ стандард, и ограничување на увоз на нови возила со минимален „ЕУРО 6“ стандард, а упатено до Владата и нејзиниот претседател. Барањето беше искажано и преку протестот во вторникот.
[Видео и фото] „Што ви дишат децата?!“ извикуваа граѓаните на еколошкиот протест пред институциите
„За појаснување, барањето е во насока на намалување на високото и живото-загрозувачко аерозагадување во земјава, причина за серија на болести и смртност кај населението. Овој аспект се актуелизира со најавените пониски даноци на емисијата на јаглерод диоксид и намалувањето на данокот на додадена вредност за увоз на автомобили од 2025 година“, велат од „О2 Иницијатива“.
Според еко-активистите, возилата испуштаат повеќе од 200 токсични хемиски соедниненија, кои постарите возила ги емитираат во поголема мера. Овие возила, велат тие, особено со помината поголема километража, покрај зголемената емисија на ПМ честички, кои ги активираат проинфламаторните и канцерогени патишта во организмот, и другите штетни емисии на гасови, имаат зголемени емисии на многу токсичните јаглеводороди, меѓу кои бензенот, толуенот, етилбензенот, ксилените, бензо-а-пиренот.
„Ова се генотоксични, канцерогени и мутегени супстанции, многу опасни по здравјето на луѓето, особено децата. Граѓаните кои пешачат или возат велосипед покрај сообраќајниците, кои чекаат на пешачките премини, се најизложени на овие токсични супстанции. Особено изложени се децата, бидејќи овие емисии се испуштаат во висина на нивните лица и тие најдиректно ги вдишуваат. Заштитата на здравјето на граѓаните мора да биде пред сѐ. За споредба, во регионов вакви услови имаат воведено Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора“, се вели во најавата за прес-конференцијата.
Бојан Шашевски