„О2 Иницијатива“: Не смее да се дозволи отворање на нови индустриски капацитети во Гази Баба

За време на пандемија, Општина Гази Баба утре организира јавна презентација не на еден, туку на три ДУП-а, со почеток во 12 ч. во барака 8 на општината, реагираат од „02 Иницијатива“.

Според еко-активистите, се работи за ДУП-ови за градската четврт С 17 каде веќе се наоѓа комплексот Железара, за кои тече рокот за јавна анкета започнат на 19 март до 29 април.

„О2 Иницијатива“ реагира дека со предложените ДУП-ови за блок 2,3 и 4 од С 17, меѓу другото, се предвидени градежни парцели за нова Г1-тешка загадувачка индустрија со вкупна површина од 556,301 м2, многу поголема од пет 5 парцели со површина од 176,217 м2 со веќе постоечка Г1-тешка загадувачка индустрија.

Исто така, велат тие, предвидени се 18 градежни парцели за нова Г-2 индустрија со површина од 334,592 м2, потоа градежната парцела за нов Г-3 сервис, девет градежни парцели за нови Г-4 стоваришта, 10 градежни парцели за нова Е-2 комунална супструктура…

ℹ️ За време на пандемија, Општина Гази Баба утре организира јавна презентација за не 1, туку 3 ДУПа! Со почеток во 12ч…

Posted by O2 Иницијатива on Monday, April 5, 2021

„Максимално дозволен број на корисници во четврта С 17, според ГУП на Град Скопје е 750. За блок е 150, за блок 2 – 120, за блок 3 – 230, за блок 4 – 250. Макстил во рамките на оваа четврт има 966 вработени (2020г). Либерти Скопје, бивши Арцелор Митал, има над 480 вработени.Само овие две компании имаат скоро дупло повеќе корисници од максимално дозволениот број според ГУП за оваа градска четврт“, забележуваат од „02 Иницијатива“.

Според ова, велат тие, не смее да се дозволи отворање на нови индустриски капацитети, ни од тешка, ни од лесна индустрија, ниту пак складишта и др.

„Парцелите треба да се зазеленат и индустријата да престане да се шири во тој дел од градот. Проследете ги информацииве, ова го засега цело Скопје, не само жителите на Гази Баба“, велат од „02 Иницијатива“.

Еко-активистите посочуваат и за петицијата за Гази Баба, каде граѓани се потпишуваат против трите детални урбанистички планови, но и за постапката за три урбанистички проекти со намена Е 3.1 – постројки за термички, физичко – хемиски и хемиски третман на неопасен отпад.