На денешната седница во Собрание под точка 19 на дневниот ред е Предлог-измената на Законот за управување со отпад, по скратена постапка. Со измената нема да се дозволи увоз на отпад кој може да се користи како извор на енергија, односно да се согорува. Ова е воедно и едно од барањата на Зелен Фронт, стои во денешната реакција на 02 Иницијативата.
Според еко-активистите, главниот корисник на увезен отпад кој се согорува е цементара Усје, но тука е и Фени, како големи индустрии кои легално го користат.
„При согорување на отпад се ослободуваат канцерогени, мутагени, токсични диоксини, фурани, PCBs, хлороводороди, тешки метали како жива, кадмиум, талиум, олово, арсен, хром… Научните истражувања потврдуваат дека луѓето кои живеат во близина на места каде се согорува отпад имаат зголемена смртност од канцер“, велат од О2.
Последните случувања во Бугарија, велат тие, само ја потврдија основата зошто бараат забрана за увоз на отпад како извор на енергија.
„Организирани криминални структури вршат трговија со отпад каде се фалсификуваат податоци, лабораториски вредности, тоа што е декларирано не соодветсвува со тоа што е внатре во спакуваните бали, има измешано опасен отпад, медицински отпад, отпадот се остава на несоодветни места, итн. Италијанската мафија оперира во Балканските земји со трговијата со отпад. Сите истраги и запленувања на отпад се случуваат во ЕУ членки, што само укажува на големината на проблемот и ранливоста на нашата држава со немање на соодветна контрола на царина, соодветни инспекциски служби, лаборатории, судски постапки со кои би се заштитила“, се вели во соопштението на О2.
Аргументите дека треба да им веруваме на индустриите кои презентираат нивни мерења на емисии на загадувачки супстанции, сметаат еко-активистите, ги побива примерот со случајот во Словенија, повторно ЕУ членка, каде после 10 годишна борба се затворила цементарата во Трбовље, која како гориво користела меѓу другото и петрол кокс и отпад, исто како и нашата цементара.
„Цементарата во Трбовље ги штелувала вредностите на емисиите, дури и ги бришела, кога биле повисоки од дозволеното. Регионот Засавје во Словенија, каде е цементарата, има највисока стапка на заболени од канцер. Активистот за долгогодишната броба ја добил Голдмановата награда за животна средина за неговата заложба на организирање на локалното население во одбарана на човековото право да дише чист воздух“, соопштува 02 Иницијатива.
Усје од континуирани мерења со автоматски мониторинг систем на 11 испустни места дава податоци за јавност од само две мерни места и тоа среднодневни вредности, кои, велат тие, нема прилика да се проверат реално онлајн.
„Усје има обврска да врши мерења на одредено место на надворешниот воздух, но и тие податоци не ги објавува. Кога би се објавиле сите податоци и во реално време онлајн би оделе мерењата од 11те автоматски станици, би се видело дали, колку и кога има зголемени испуштања на загадувачки супстанции во воздухот. Усје како гориво користи фосилни горива (јаглен, нафтени шкрилци, лигнит, петрол кокс, антрацит, мазут, гас), но и „алтернативни горива“, односно отпад. Според дозволата може да користи отпад од разни индустрии, како текстилната, искористени возила, разен отпад, запалив отпад, пластика, пакувања, мил од миење и чистење, дрвен отпад, отпад од преработка на дрво и производство на панели и мебел, отпад од преработка и производство на хартија, пулпа, механички обработен отпад, итн. Дозволено ѝ е да гори 25.000-35.000 тони отпад годишно како „алтернативно гориво“, 25-35% од вкупната количина на гориво. При тоа, потребно е да ги мери само еднаш до два пати годишно, завсино дали гори отпад помалку или повеќе од 6 месеци во годината, количините на ослободени токсични и канцерогени диоксини и фурани, тешки метали како кадмиум, талиум, жива, антимон, олово, хорм, кобалт, бакар, манган, никел, ванадиум, хлороводород, флуороводород“, соопштува 02.
Според еко-активистите, научно е утврдено дека методот на мерење еднаш до два пати во годината, воопшто не ја дава точната слика за количината на ослободени диоксини и фурани, на тешки метали. Затоа, дополнуваат тие, потребен е автоматски континуиран мониторинг на диоксините и фураните за да се види реалната слика на ослободените емисии во воздухот.
„Ниту имаме контрола на отпадот кој го увезуваме, не знаеме што точно ни влегува во земјата, ниту пак знаеме што и во која количина се ослободува при негово согорување. Во Италија помеѓу јануари 2017 и мај 2018 извршени се 54 истраги за организирана илегална трговија со отпад, каде нашле дека повеќе од 4.5 милиони тони на токсични супстанции не биле соодветно декларирани како опасен отпад. Ова е профитабилен бизнис за италијанската мафија. Се наведува дека наместо да платат 60.000 евра за легално одлагање на еден контејнер од 15.000 тони на опасен отпад, тие за само 5.000 евра го одлагаат нелегално во Источна Европа или Азија. Во најголем дел од Европа, брокерите им плаќаат на цементните фабрики стотици евра по тон на отпад кој потоа се согорува, но цементните фабрики во Романија и другите земји во Балканот го прават тоа по многу пониски цени, за само 10 до 50 евра по тон. Од сиве наведени причини, каде нашето здравје мора да биде пред сè, апелираме до пратениците кои се нашиот глас, гласот на народот во Собрание да ја изгласаата предлог-измената на Законот за управување со отпад со кој ќе се забрани увозот на отпад кој се согорува во нашата земја“, соопштуваат од 02 Иницијатива.