Преку објава на социјалните мрежи од невладината „О2 Иницијатива“ соопштија дека се разочарани од изјавата на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова дека ќе го потпише Указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање.
„Со големо разочарување ја слушнавме најавата на претседателката Сиљановска – Давкова, за нејзината одлука да го потпише Указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање. Со оглед на заедничката историја која со сегашната претседателка ја имавме додека беше во функција на пратеничка во Собранието, очекувавме принципиелност, и доследност во застапување на правните принципи и важноста еден ваков закон да биде донесен со широка јавна расправа, бидејќи состојбите на терен се и бездруго катастрофални, а не поведување под популистичкото мото: „училишта, градинки, болници“, кои се само еден мал дел од вкупните измени што се донесени“, стои во објавата.
Од „О2 Иницијатива“ реагираат на вчерашната изјава на Сиљановска-Давкова во која рече дека министерот за транспорт Александар Николоски ѝ ги образложил причините за законските измени и ѝкажал дека без нив не ќе може да се префрлат средства на општините за реализација на значајни проекти. Според неа, зад законот има 64 пратеници и бидејќи немало дискусии и гласање против, смета дека и да го врати законот ќе се повтори оваа ситуација.
„Претседателке Сиљановска – Давкова, пред три години пратениците со 72 гласа За, 3 воздржани и само 5 против го изгласаа Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти (познат како т.н. легализација на дивоградби). Повеќе граѓански здруженија од тогашниот претседател Пендаровски побаравме тој да не го потпише Указот за прогласување на овој закон. Пендаровски не го потпиша Указот, без оглед на огромното мнозинство пратеници кои тогаш застанаа зад законот. Тој закон не беше повторно изгласан, бидејќи предлагачот, Владата, односно министерството за транспорт и врски, го повлече. Ваквото ваше резонирање е тажно, затоа што ако се работеше толку за училиштата, градинките, болниците и реализација на помошта за општините, ќе беше донесена нова измена која ќе ги опфатеше само овие категории, после одржана јавна расправа за која и самата како пратеник сте се залагале“, велат оттаму.
Според нив прифаќањето на објаснувањето од министерот за транспорт Николоски дека измените се привремени и преодни е несериозно, бидејќи, како што велат се работи за закон кој ќе биде на сила сè додека не биде донесен нов.
„До тогаш ќе ги видиме жестоките реперкусии на стапување во сила на околу 600 урбанистички планови изработувани повеќе од 4 и пол години по застарени податоци и неважечки закони и правилници, најчесто иницирани и инвестирани од приватни инвеститори кои се грижат исклучиво за својот личен интерес. А катните гаражи ќе никнат на зелени површини каде колку толку сè уште можат да играат деца. Ваква идеја имаше и градоначалникот на Карпош во минатото, сакаше една катна гаража да ја смести до детската градинка, на тревна површина позади станбена зграда, каде играат деца. Токму немање на ДУП го спречи во реализација на таа лоша идеја. Сега, повеќе нема кој да ги запре градоначалниците во спроведување на нивните дискутабилни идеи за тоа каде треба да ,,израснат” катни гаражи. Но, одговорноста од произлезениот хаос и одземање на драгоцените зелени површини ќе ја сносите и Вие, заедно со Владата и пратениците кои ги усвоија овие измени“, стои во објавата.
Инаку, Собранието ги изгласа законските измени на 13 август а само два дена подоцна реагираа дваесеттина еколошки здруженија и иницијативи кои бараа од Претседателката на државата да не го потпишува указот за прогласување на Законот за урбанистичко планирање.