„УСЈЕ е најверојатно најголемиот индустриски загадувач во Скопје. Чадот од високите оџаци ја формира типичната покривка која се движи над градот како плашт кој нè гуши“, посочија од еколошката организација „02 Иницијатива“, по што се јавија и од компанијата, тврдејќи дека неосновано се напаѓани.
Од „02 Иницијатива“, покрај тоа што велат дека од „Усје“ излегува чад и загадува, за нив е нејасно кое е нивото на најопасните диоксини и фурани, тешки метали, флуороводороди, хлороводороди кои се ослободуваат во поголема мера кога се гори отпадот како од Адиент, Штип, фабриката за тапацир и производство на навлаки за автомобилски седишта, некоја мешавина од винил и текстил, потоа пластика, отпад од пакување, итн.
Според еко-активистите, ова мора да е еден од приоритетите на секој кој сака да го намали аерозагадувањето во градов.
„’Усје’ треба да користи најдобро достапни техники, кои ќе овозможат намалување на загадувањето, како префрлање на гас во своите процеси (да, можно е, изгуглајте си) и многу подрастично ограничување на она што може да го испушти во воздухот. Впрочем, со милионски профити годишно ова треба да е нивна обврска, а не да им се овозможи и понатаму да ни го приредуваат ова што сликите јасно го покажуваат. Со оглед дека 95% од акциите ги поседува холандскиот Титан, ‘TITAN CEMENT Netherlands B.V.’, а профитот што го направиле во изминативе 20-ина години е над 500 милиони евра (за 2022 година е 18 милиони евра), го повикуваме амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп да изврши потребно влијание врз нивната компанија која го поседува Усје, да инвестираат во користење на гас во нивните производни процеси и постават најсовремени филтерски системи кои ќе го минимизираат ова што ни го прават со децении“, стои во реакцијата.
Секако, велат активистите, треба да се постават и 24-часовен мониторинг на емисиите, достапен за јавноста.
„Тоа е задолжително согласно европските стандарди и податоците од мерната станица поставена во дворот на фабриката да бидат исто 24 часа достапни за јавноста“, посочуваат од „О2 Иницијатива“.
По ваквата реакција со свој став се јавија и од Цементарницата „УСЈЕ“, карактеризирајќи ги обвинувањата дека се најголем индустриски загадувач како „неосновани, неточни и целосно паушални“.
„УЈСЕ како одговорна компанија е отворена за соработка со сите заинтересирани страни, а секој граѓанин, организација или институција може да ја посети компанијата и да ги добие сите релевантни податоци. Покрај тоа, ‘УЈСЕ’ е единствена компанија во земјата која редовно ги испраќа податоците од мерењата до сите медиуми и невладини организации, меѓу која и организацијата која изнесува паушални и неосновани тврдења. Овие податоци ја покажуваат фактичката состојба“, стои во соопштението на „УСЈЕ“.
Од таму велат дека „УСЈЕ“ има Интегрирана еколошка А дозвола, издадена од Министерството за животна средина, според која има обврска да врши 24 часовен мониторинг на индустриските емисии.
„Се прават дополнителни контролни мерења што ги вршат независни лаборатории, а резултатите од овие мерења повторно потврдуваат дека нема отстапки од законски дозволените лимити. Компанијата ги користи најдобрите достапни техники во производството и технологијата која се применува во УСЈЕ е идентична со било кога друга цементарница во ЕУ“, се вели во соопштението.
Исто така, велат дека „УСЈЕ“ е единствен индустриски капацитет во државата со високо ефикасен комплексен систем на вреќесто филтрирање, потоа, Цементарницата има дозвола за користење на алтернативни горива од 2013 година, а притоа посочуваат и дека користењето отпад и преработки од отпад како алтернативно гориво во цементната индустрија е светски потврдена праска коjа се применува повеќе од 50 години во ЕУ и САД.
„Во моментот над 40% од енергенсите што се користат во цементната индустрија во ЕУ доаѓаат од алтернативни горива кои потекнуваат од отпад. Имено печките во цементарницата работат на температура од над 1500 C°, каде има целосно согорување и овој процес е целосно безбеден за животната и работната средина и за пошироката заедница“, стои во соопштението.
Инаку, „УСЈЕ“ долги години е мета на критики на еколошките организации. Покрај „О2 Иницијатива“, лани за „УСЈЕ“ реагираше и Зелен Хуман Град посочувајќи дека Цементарницата е дел од загадувачката индустрија во Македонија што согорува отпад како „алтернативно гориво“. Исто така, изминативе години пред „УСЈЕ“ се случуваа и протести, каде активисти од Движењето за чист воздух и’ доделија пехар на Цементарницата за „Трујач на годината“ и го блокираа влезот на компанијата со црвена лента.
Лани ова исто време градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска најави кривична постапка против „УСЈЕ“ за „непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина“. Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) издаде решение со кое на „УСЈЕ“ и’ наложи во котлите со кои се загрева фабриката, да се користи природен гас како гориво и да изведе соодветен приклучок за вршење мерење на емисии со акредитирана метода.
Бојан Шашевски