Борбата против аерозагадувањето станува стратешки приоритет на Влада на Република Македонија, така одлучиле вчера на седница и обезбедиле 1.6 милиони евра. „Тресла се гора, родио се миш“, реагира О2 Коалиција за чист воздух по одлуката на владата за издвоените средства за загадувањето.
Во продолжение ви ја пренесуваме целата реакција на О2 Коалиција:
Само за анекси на автопатот Кичево-Охрид, долг 57 км, се одобрија 187 милиони евра, 117 пати повеќе од борбата на Владата против аерозагадувањето. Инаку овој автопат нè чини вкупно околу 600 милиони евра.
За секој километар од автопатот Кичево-Охрид се трошат 10,5 милиони евра.
За борбата против аерозагадување, 6.5 пати помалку.
Политичките партии од буџетот ќе добиваат 4.5 милиони евра на годишно ниво.
За борба против аерозагадување ќе има 3 пати помалку.
Со ребалансот од минатата недела, над 2 милиони евра се тргнаа од заштита на животна средина. Сега пола милион помалку се одвојува за борба против аерозагадувањето.
Според најновиот извештај на Европската агенција за животна средина, поради загадување на воздухот со PM2.5, азот диоксид и озон во Македонија годишно умираат 3,200 жители. Совест некој во оваа Влада има? Одговорност кон ветеното?
Да потсетиме уште еднаш, ветеното „Повторно ќе го воспоставиме Фондот за животна средина, како гаранција дека средствата добиени од такси за животна средина, ќе бидат наменети за проекти за подобрување на квалитетот на медиумите во животната средина, а нема да се користат за комодитетот на администрацијата (службени патувања, плаќање телефони или опремање на кабинети на министрите). Ќе воспоставиме Фонд за животна средина, во кој директно ќе се слеваат средствата добиени од такси за животна средина. Секој таков денар ќе бидат наменет исклучиво за проекти за подобрување на квалитетот на животната средина“.
Ова ви беше ставено како итен реформски приоритет кој требаше да се реализира во првите 6 месеци од доаѓањето на власт. Две години по избори и борбата против аерозагадувањето станува стратешки приоритет со одвоени 1.6 милиони евра. Исто како што ветивте. Само за сто пати помалку и година и пол покасно.
Над 183 милиони евра се собрани во 2016 како даноци поврзани со животната средина. Во 2015 се собрале над 168 милиони евра, во 2014 над 148 милиони евра. И сега се одвоени 1.6 милиони евра против аерозагадувањето? Со препорака дополнителни финансиски средства да се обезбедат преку донации. За аерозагадувањето милостиња ќе се чека, ама за патот Кичево-Охрид, анекс на анекс и задолжување може за 200 милиони евра без пардон.
Вакви срамни залажувања и лажно прикажување на борбата против аерозагадувањето, додека над 3,000 луѓе умираат годишно, додека децата ги полнат болниците со респираторни заболувања, е неприфатливо.
Го бараме она што следува, она за што даноци се платиле, бараме исполнување на ветувањето каде секој денар од средствата добиени од такси за животна средина, ќе бидат наменети исклучиво за проекти за подобрување на квалитетот на животната средина. Зошто овој буџет е услов за решавање на проблемот, без него нема поместување ни 1%. Во спротивно, ги очекуваме вашите оставки како израз дека имате грам морална совест за оваа непогода што ги тресе вашите граѓани, додека вие глумите дека барате излез.