Обединетите нации побараа 4.2 милијарди долари од донаторите оваа година за да обезбедат хуманитарна помош за Украинците во во земјата, како и за оние кои побарале засолниште во странство, пренесува Радио Слободна Европа.
Во пресрет на двегодишнината агресија на Русија против Украина, Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA) во Женева на 15 јануари објави дека повеќе од 14.6 милиони Украинци во земјата, или околу 40% од вкупното население, оваа година има потреба од хуманитарна помош.
„Покрај тоа, војната, исто така, принуди околу 6.3 милиони Украинци да побараат засолниште во странство, а до крајот на минатата година, 5.9 милиони бегалци од Украина беа регистрирани во Европа“, посочија од OCHA, претставувајќи го својот план за хуманитарни потреби.
„Стотици илјади деца живеат во заедници на првите борбени линии, исплашени, трауматизирани и лишени од нивните основни потреби. Самиот тој факт треба да нѐ принуди да направиме се што можеме за да донесеме поголема хуманитарна помош во Украина“, рече шефот на OCHA, Мартин Грифитс.
Агенцијата за помош на ОН објави дека 3.1 милијарда долари, или 75% од вкупниот износ, ќе бидат доделени за поддршка на околу 8.5 милиони луѓе во Украина, додека преостанатите 1.1 милијарда долари ќе бидат наменети за потребите на бегалците и заедниците каде се засолнети.