На глобално ниво, екстремните горештини предизвикуваат речиси 19.000 смртни случаи годишно, како и речиси 23 милиони повреди на работните места ширум светот.
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш ги повика сите земји да се ангажираат на светско ниво во борбата против климатските промени откако беше забележана рекордна глобална температура, што е прв повик на светска организација за глобална акција поради екстремните горештини, пренесува Ал Џазира Балканс.
„Светот мора да се соочи со предизвикот на порастот на температурите“, рече Гутереш.
Генералниот секретар на ОН истакна дека се потребни мерки за заштита на работниците од екстремните горештини, врз основа на човековите права.
ОН ги повика владите не само да ја елиминираат употребата на фосилни горива, туку и да ја зајакнат заштитата на најранливите делови од населението, вклучително и повозрасните, бремените жени и децата, како и да ги зајакнат мерките за заштита на работниците.
Меѓународната организација на трудот (МОТ) објави дека во моментов повеќе од 70 отсто од работната сила, односно 2.4 милијарди луѓе се изложени на висок ризик од екстремни горештини.
„Во Африка речиси 93 отсто од работната сила е изложена на екстремни температури, а во арапските земји 84 отсто“, според МОТ.
Нов просечен светски температурен рекорд од 17.16 степени е забележан на 22 јули, покажуваат податоците на Европската служба за климатски промени – Коперник.
Во светот поради климатските промени топлотните бранови се сѐ почести и тие стануваат поинтензивни и подолготрајни.