По повод 10-годишниот јубилеј од порталот за македонска архитектува МАРХ, вчера (23 ноевмри) во просториите на „Јавна соба“ се одржија низа активности, со кои беа прославени минатото, сегашноста и иднината на архитектурата во Македонија.
Според основачите, јубилејот имаше за цел да ја обедини архитектонската заедница во еднодневен настан кој е отворен за секој заинтересиран посетител.
Филип Конески, за овој јубилеј изјави: „10 години МАРХ Македонска АРХитектура или десетлетие на порив кој не ви остава мир да ги следите од страна работите. Декада на борба за глас на македонската архитектура која некаде пред формирањето на marh.mk ги доживуваше своите најголеми порази. Се надевам дека после овие изминати години на ентузијазам, искрена љубов и добронамерност успеавме да станеме бренд и глас кој не е лесен за игнорирање, а од тука и доброчинители на македонската архитектонска сцена. МАРХ е простор каде треба да се пресретнеме, отстрамиме и бидеме искрени меѓусебно. Да упатиме пофалби, предлози, концепти, да предупредиме и особено да не се плашиме да упатиме критика, но и понатаму да бидеме достојни во дискусијата за да имаме образ да отпоздравиме со – Секому добро!”.
На јубилејот беше претставена изложбата „Македонска архитектура 1974-2024“, се одржа МАРХ Базар, промоција на книгата „Артемушкин и Скопје“, како и панел дискусија „10 години подоцна, како понатаму?“.