Во рамките СОР28 беше потпишана заедничка декларација за Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција за Северна Македонија, преку која треба да се мобилизираат до три милијарди евра инвестиции за забрзување на енергетската транзиција на земјата преку обновливи извори на енергија, пренесува Мета.
На настанот за презентирање на платформата присуствуваа министерката за животна средина Каја Шукова и министерот за економија Крешник Бектеши, по што беше потпишан договор за партнерство со Европската банка за обнова и развој, Светската инвестициона банка, Европска банка за развој, Германската развојна банка KFW, Климатскиот инвестициски фонд и други меѓународни финансиски институции како дел од Партнерството за НДЦ посветено на амбициозно спроведување на национално определени придонеси според Договорот од Париз и целите за одржлив развој до 2030 година.
Платформата има за цел да помогне во мобилизирање до три милијарди евра инвестиции, како и политичка и техничка помош за да се забрза енергетската транзиција на земјата и распоредувањето на новиот капацитет за обновлива енергија од 1,7 GW до 2030 година со придружна мрежа и инфраструктура за складирање. Пакетот за поддршка треба да обезбеди позитивни резултати од зелената транзиција, притоа штитејќи ги работните места и егзистенцијата на погодените заедници.
Инвестициската платформа е креирана врз основа на Долгорочната стратегија за климатска акција во правец на спроведување на амбициозните политики и средночните цели како намалување на нето емисиите на стакленички гасови за 82% до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година, како и долгорочните климатски цели и претставува основа за мобилизирање на потребните средства, која обезбедува правична зелена транзиција што ги штити ранливите заедници.
„Нашата посветеност на праведна транзиција ја истакнува нашата посветеност на принципите од Парискиот договор и претставува значителен напредок кон поодржлива, покомпетитивна и поправедна иднина. Направивме значителен напредок во последната година во поглед на преземање неопходни чекори кон процесот на транзиција, присвојувајќи го Патоказот за праведна транзиција. Среќни сме што го гледаме меѓународното признание за нашите амбиции и дејства и мило ни е што станавме првата земја во Европа и една од двете први мали земји кои се придружија кон програмата ACT“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.
Северна Македонија се потпира на јаглен за 40% од своето производство на електрична енергија. Платформата ќе го поддржи отфрлањето на јагленот во земјата до 2030 година, распоредувањето на обновлива енергија и поврзаните инвестиции во мрежата.
„Со заедничко делување постигнуваме повеќе и единствено преку заедничко и партнерско дејствување во спроведување на амбициозно поставени цели, возможна е праведна енергетска транзиција и исполнување на поставените амбициозни национални цели“ истакна министерката Шукова.