Деновиве беше објавен албумот „Голи песни“ на пејачката и текстописец Хана Корнети.
Албумот кој е во издание на „Шарла“ се состои од 8 песни. Музичкиот продуцент позади албумот, како и тон мајстор и реализација на омотот е Давид Ангелевски, а материјалот е снимен во живо во студиот Кларион во јули, годинава.
„Во книжевните кругови ја познаваат како писателка, авторка на збирката раскази Млечни заби (Или-Или, 2021). Умница, убавица е. Кога ќе земе укулеле во скутот, станува музичарка, или можеби поет раскажувач со музички инструмент. Како Гинзберг со својот хармониум или Дилан со гитарата. Нејзиното форте е шармот, искреноста, но и вештината да ги претвори книжевните вибрации во музички далги од мелодии и сеќавања, звуци и воздишки кои лесно ќе ве вовлечат во нејзиниот имагинариум. Да не ви се излегува. Првокласен е раскажувач, заводливо е игрива, но и политички гласна кога ќе препознае неправда, а ги има, нели? Влијанието на нејзините источни корени ќе нѐ потсети на привилегијата дека сме тука, блиску до изворот, до автентичните културни хоризонти на измешани убавини и приказни. Дека сме сепак тука и покрај пропаднатиот општествен систем, загубени во шумот – дека тие што останаа се поети, рековме. Нејзиниот глас е токму гласот на опстанокот како достоинствени, исправени човечки битија во време и простор клекнати на колена. Оти само убавината ни остана“, пишува во објавата за албумот.
Албумот може да се преслуша на следниов ЛИНК.