Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија информираше дека јавниот повик за доставување пријави за признанието „Успешни млади“ за 2020 година е отворен денеска и ќе трае до 1 ноември.
Оттаму велат дека признанието е поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите, за резултати постигнати во текот на 2020 година, во следните осум категории:
1. Најдобар/а млад/а научник/чка во општествените науки;
2. Најдобар/а млад/а научник/чка во хуманистичките науки;
3. Најдобар/а млад/а научник/чка во природно-математичките и техничките науки;
4. Најдобар/а млад/а научник/чка во медицинските науки;
5. Најдобар/а млад/а иноватор/ка;
6. Млад талент (за ученици и ученички од средните училишта);
7. Признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата (за млади со попреченост);
8. Најдобар/а млад/а уметник/чка.
На јавниот повик, од кабинетот на Претседателот објаснуваат дека може да аплицираат сите лица коишто заклучно со 2020 година навршиле 35 години, а кои постигнале значајни резултати во соодветната категорија, освен за шестата категорија (млад талент) за која можат да се пријават само ученици и ученички од средните училишта.
Условите и начинот за доставување на пријавите е достапен на веб-страницата на Претседателот, односно, на македонски, албански и англиски јазик.
„Препознавајќи ги социо-економските предуслови на поединците како значаен фактор во пристапот и можностите за образование и професионален напредок, со овој повик особено ги охрабруваме сите млади кои припаѓаат на ранливи категории да поднесат апликации за признанието ‘Успешни млади’“, стои во нивното соопштение.