Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија денеска го објави јавниот повик за доставување пријави за признанието „Успешни млади“ за 2021 година, кој ќе трае до 30 септември, годинава.
Оттаму велат дека признанието е поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите, за резултати постигнати во текот на 2021 година, во осум категории
1. Најдобар/а млад/а научник/чка во општествените науки;
2. Најдобар/а млад/а научник/чка во хуманистичките науки;
3. Најдобар/а млад/а научник/чка во природно-математичките и техничките науки;
4. Најдобар/а млад/а научник/чка во медицинските науки;
5. Најдобар/а млад/а иноватор/ка;
6. Млад талент (за ученици и ученички од средните училишта);
7. Признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата (за млади со попреченост);
8. Најдобар/а млад/а уметник/чка.
„Јавниот повик ги опфаќа сите лица што заклучно со 2021 година навршуваат 35 години, а кои постигнале значајни резултати во соодветната категорија, освен за шестата категорија, млад талент, за која можат да се пријават само ученици и ученички од средните училишта“, велат од кабинетот на претседателот.
Условите и начинот за доставување на пријавите за јавниот повик е достапен на веб-страницата на претседателот на македонски, албански и англиски јазик.
„Препознавајќи ги социо-економските предуслови на поединците како значаен фактор во пристапот и можностите за образование и професионален напредок, со овој повик особено ги охрабруваме сите млади кои припаѓаат на ранливи категории да поднесат апликации за признанието ‘Успешни млади’“, посочуваат од кабинетот на претседателот.