Деветнаесетгодишната Симона Крстева од селото Едрениково е победник на повикот на Радио МОФ за медиумски предизвик. Темата беше инспирирана од вториот подкаст во серијалот „YouThink“, каде зборуваме за сензационализмот, односно тактиките за привлекување на вниманието на публиката, преку кои медиумите се обидуваат да стигнат до повеќе читатели, гледачи или слушатели, што на нив им носи повеќе пари и повеќе влијание.
Задачата на учесниците во повикот беше да го прочитаат медиумскиот предизвик и да ги пронајдат сензационалистичките делови во текстот. Потоа, да ни испратат преработената вест во форма што сметаат дека е според новинарските стандарди, со кусо објаснување како ги препознаат проблематичните елементи во текстот.
На отворениот повик, свое решение можеа да поднесат сите млади лица на возраст од 15 до 29 години. Крајниот рок за поднесување на решенијата беше 28 септември:
Жири комисијата одлучуваше на повеќе учесници, откако го објавивме овој текст:
[ЕКСКЛУЗИВНО] „Електричен тротинет за секој студент“ – МОН ќе распише повик за субвенции
Поради почетокот на новата академска година, која предвидува нов пад на температурите, нашиот медиум, од свои извори во Министерството за образование и наука (МОН), дознава дека Министерството како еколошки одговорна институција, ќе распише нов повик за субвенции со цел намалување на загадениот воздух во државата.
Нашиот извор, кој сакаше да остане анонимен, ни дојави дека од 3 октомври, освен академската година, почнува и новиот конкурс за стипендирање на електрични тротинети за сите редовни и вонредни студенти на додипломски студии кои ќе студираат на државните универзитети во земјава во студиската 2022/2023 година.
„Освен започнатиот процес за дигитализација на административните работи како еколошко решение што веќе ја намалува потрошувачката на хартија, нашата стратегија за еколошко одговорна институција, ја дополнуваме со новата политика која предвидува еколошки транспорт на студентите од дома до универзитетските кампуси. Тоа ќе придонесе за намалено загадување на воздухот, а здравјето на студентите е најважно за нас“, сподели нашиот соговорник.
Притоа, изворот открива дека електричните тротинети освен што ќе го олеснат пристапот на студентите до факултет, значително ќе го зголемат и нивното присуство на предавањата, или барем на оние кои досега доцнеле поради проблеми со превозното средство.
Ексклузивно до нашата редакција пристигна и информација дека конкурсот што ќе биде отворен на 3 октомври, ќе стане достапен и онлајн на страната на МОН, што дотогаш ќе добие нов изглед и нов безбедносен систем против хакерски напади.
Од кулоарите на МОН, дознаваме дека субвенциите ќе бидат наменети само за студентите кои се запишани на државните универзитети и се државјани на Република Северна Македонија. Неофицијално, големината на субвенциите ќе биде висина од 20 илјади денари, а за поврат на средствата потребно ќе биде тие да приложат фискална сметка, студетска легитимација и уплатница од административна такса.
Субвенциите од МОН ќе бидат достапни до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Република Северна Македонија за оваа намена, по принципот прв пристигнат, прв услужен.
Но и доколку не добивте субвенции, не очајувајте.
Од еден од најголемите универзитети кај нас, од прва рака добивме информации дека оние што ќе извисат на субвенциите, ќе имаат 30 отсто покачување на средствата за студентски оброк. Тоа ќе биде право олеснување во овие кризни времиња кои дополнително го разнишуваат и онака кревкиот студентски стандард.
Во тек се и отворените повици на Град Скопје за субвенционирање на електрични тротинети и велосипеди, а оттаму посочуваат дека јавниот повик трае заклучно до 1 ноември 2022 година.
Следете нè за дополнителни информации.
– – – – – – – – – – – – – – – – –
А, ова е испратениот преработен текст и објаснувањето на Симона Крстева:
Електричен тротинет за секој студент“ – МОН ќе распише повик за субвенции
Поради почетокот на новата академска година, Министерството за образование и наука (МОН) како еколошки одговорна институција, ќе распише нов повик за субвенции со цел намалување на загадениот воздух во државата.
Од 3 октомври, освен академската година, почнува и новиот конкурс за стипендирање на електрични тротинети за сите редовни и вонредни студенти на додипломски студии кои ќе студираат на државните универзитети во земјава во студиската 2022/2023 година.
„Освен започнатиот процес за дигитализација на административните работи како еколошко решение што веќе ја намалува потрошувачката на хартија, нашата стратегија за еколошко одговорна институција, ја дополнуваме со новата политика која предвидува еколошки транспорт на студентите од дома до универзитетските кампуси. Тоа ќе придонесе за намалено загадување на воздухот, а здравјето на студентите е најважно за нас“, велат од Министерството.
Притоа, електричните тротинети освен што ќе го олеснат пристапот на студентите до факултет, значително ќе го зголемат и нивното присуство на предавањата, или барем на оние кои досега доцнеле поради проблеми со превозното средство.
Конкурсот што ќе биде отворен на 3 октомври, ќе стане достапен и онлајн на страната на МОН.
Субвенциите ќе бидат наменети само за студентите кои се запишани на државните универзитети и се државјани на Република Северна Македонија. Големината на субвенциите ќе биде во висина од 20 илјади денари, а за поврат на средствата потребно ќе биде тие да приложат фискална сметка, студентска легитимација и уплатница од административна такса.
Субвенциите од МОН ќе бидат достапни до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Република Северна Македонија за оваа намена, по принципот прв пристигнат, прв услужен.
Во тек се и отворените повици на Град Скопје за субвенционирање на електрични тротинети и велосипеди, а оттаму посочуваат дека јавниот повик трае заклучно до 1 ноември 2022 година.
——————–
Имајќи ја предвид секојдневната изложеност на медиумски текстови кои не соодвестуваат на својата форма, препознавањето на сензионалистичките и несоодветни делови од краткиот текст воооштпо не е невозможно.
Уште во воведниот дел на веста, јас како читател добив впечаток дека веста која ќе ми биде пренесена не е веродостојна затоа што истата потекнува од извор чие име и презиме воопшто не се напишани. Доколку една вест води потекло од извори кои остануваат анонимни, тоа наведува на помисла дека веста не е точна па лицето избегнува одговорност од последиците од ширење на невистинита вест.
Доста несоодветен дел од медиумскиот текст е и споменување на информации кои немаат никаква поврзаност со главната вест, како што е новиот безбедносен систем за хакерски напади на веб страната на МОН, а чија единствена цел е поттикнување дебата околу вест која била актуелна во претходниот период. Во информации кои целат кон поттикнување на дебата, а не известување, се вбројува и споменување на мерката за покачување на средставата за студентски оброк, која е речиси нереална.
Исто така, изнесување на лични ставови и мислења во вест од известувачки карактер која се однесува на одржување на јавен настан е непрофесионално.