Објавен повик за кандидати за членови на локалното собрание на млади на Општина Битола

Иницијативниот одбор за формирање Локален младински совет при Општина Битола распиша јавен повик за членство во Локалното собрание на млади.

Локалното собрание на млади претставува тело составено од по еден делегат и еден заменик делегат кои ќе бидат предложени од младинските организации, организации за млади, политички подмладоци, ученички и студентски организации и други облици на младинско здружување.

Покрај објавата на јавен повик за членови на младинскиот совет, локалното собрание на млади ги избира членовите на младинскиот совет по пат на непосредни избори со тајно гласање во кое право на глас имаат делегатите од локалното собрание на млади.

„Од редовите на Локалното собрание на млади се избира и изгласува тричлена комисија, составена од членовте на Локалното собрание на млади, која е одговорна за следење на целокупниот процес за изборот на членови на Локалниот младински совет. Членовите на Локалното собрание на млади не се ограничени од членување во Локалниот младински совет“, се објаснува во повикот на Општина Битола.

Членовите на Локалното собрание на млади имаат задача да работат на спроведување на активностите на Собранието, да учествуваат во подготовка на документи и да изберат членови на Локалниот младински совет.

Повикот е отворен за сите младински организации, организации за млади, политички подмладоци, ученички и студентски организации и други облици на младинско здружување кои ќе ги исполнат критериумите да имаат активности на територијата на Општина Битола, да се основани и активни најмалку една година пред отворањето на овој повик, делегатот/ката и заменик-делегатот/ката да се жители на Општина Битола и да се на возраст од 15 до 29 години.

Сите заинтересирани организации кои ги исполнуваат критериумите потребно е да ги достават документи на мејл адресата popovskan@bitola.gov.mk или да ги поднесат во архивата на Општина Битола, на булевар „1-ви Мај“ бр.61 со ознака – „За јавен повик за формирање на Локално собрание за млади”.

Повеќе информации за повикот се достапни на следниот ЛИНК.