Од ноември 2023 година, во 30 основни и 10 средни училишта низ државата функционираат медиумски клубови во рамки на кои учениците подготвуваат разновидни медиумски содржини коишто ги објавуваат во училишните медиуми и на социјалните платформи.
Оттука, со цел да се поддржат новинарските секции во училиштата, Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Младинскиот образовен форум (МОФ) и ИРЕКС објавуваат Прирачник за работа на училишните медиумски клубови, наменет за учениците и наставниците од основните и средните училишта.
„Учеството во новинарска секција или работата во училиштен весник се важни за учениците, бидејќи на тој начин можат да ги подобрат своите таленти за аргументирано пишување, за презентација и говорење во јавност, и да ги унапредат социјалните и комуникациските вештини“, велат изработувачите на Прирачникот.
Тие посочуваат дека еден од најважните чекори во медиумското описменување на учениците е кога тие самите учествуваат во процесот на креирање содржини. На тој начин учат како изгледа процесот на создавање медиумски и новинарски содржини, но и за професионалните и за етичките стандарди на новинарството.
„Ваквото искуство може да им помогне на учениците да развиваат критичко размислување и да прават разлика помеѓу професионалното новинарство засновано на факти, дезинформациите и пропагандата“, потенцираат изработувачите.
Оваа активност е дел од Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, што го спроведуваат ИРЕКС, МИМ и МОФ.